Сите зелени бизниси и идеи на едно место

163

„Yes for Less“ е прва македонска онлајн платформа базирана на еко-заедница, со цел да се подигне еколошката свест во Македонија, но и да се споделат информации и да им се понудат зелени алтернативи на оние кои веќе се трудат да живеат така

„Дали често се наоѓате во ситуација да сакате да замените некој производ/услуга со еколошка алтернатива, или пак да имате некое уникатно искуство во природа, но не знаете каде да побарате или мислите дека тоа не постои во Македонија?

Отсега натаму, на една веб-страница, јасно и убаво ќе ви бидат прикажани сите зелени и општествено одговорни бизниси во Македонија кои го нудат тоа што го барате. Таму ќе можете да најдете и информации и практични совети од други луѓе кои веќе го прават тоа, за да се инспирирате и да дознаете како и вие да започнете да живеете на еден поодржлив начин. Не мора веќе да замислувате, бидејќи платформата која ќе ги популаризира еко-свесните бизниси и ќе ги доближи до вас станува реалност“, порачуваат Катерина Илијовска и Сара Коцевска, творци на првата македонска онлајн платформа за зелени и општествено одговорни бизниси Yes for Less.

Ова е идејата со која тимот нa Yes for Less во 2021 аплицираше на натпреварот за социјално претприемништво RISE Journey организиран од здружението за социјални иновации АРНО.

Оттаму, тие излегоа како победници и добија грант и менторска поддршка за да ја доразвијат идејата. Денес, оваа идеја конечно доби свое место во дигиталниот свет и платформата Yes for Less и официјално е пуштена во етер!

Засега таму можете да ги најдете првите одбрани бизниси од целата територија на нашата држава кои нудат најразлични еколошки производи, услуги и искуства, од оние потребни во секојдневниот живот, па сѐ до такви кои ќе ви се најдат и во најпосебните пригоди. Идејата е на веб-страницата да се соберат сите места за селектирање и рециклирање на секаков видов на отпад – пластика, хартија, стакло, облека, електроника, па дури и отпадни масла за готвење. 

Целта на платформата е да се промовира одржливото живеење и одговорниот консумеризам, со цел да се зголеми еколошката свест во нашата држава. Тимот на Yes for Less верува во малите промени на индивидуалните навики, кои од нивното досегашно искуство на социјалните мрежи, многу често имаат домино ефект и доведуваат до меѓусебна инспирација и мотивација и на поголеми маси.

Катерина и Сара од Yes for Less не се сами, туку зад себе ја имаат својата еко-заедница која постојано ја градат од самото отворање на нивниот Инстаграм профил и на нивната Фејсбук страница.

Ако сакате да се приклучите во целата приказна, контактирајте го тимот на Yes for Less на нивните социјални медиуми или пак на нивната емаил адреса [email protected] и тие со задоволство ќе ви одговорат.