Псилоцибинот од печурките ја намалува депресијата кај заболените од рак

229

Псилоцибинот може да го промени расположението, перцепцијата и сознанието со врзување за одреден подтип на серотонински рецептор во мозокот.

Една нова студија објавена во списанието Cancer известува дека псилоцибинот од печурките може да им помогне на луѓето кои се лекуваат од рак и/или депресија.

Резултатите од клиничкото испитување во фаза II покажале дека псилоцибинот – халуциногена хемикалија пронајдена во одредени видови печурки од родот Psilocybe – им помогнале на учесниците во испитувањето. Авторите на студијата рекле дека учесниците имале помалку симптоми на депресија.

Псилоцибинот може да го промени расположението, перцепцијата и сознанието со врзување за одреден подтип на серотонински рецептор во мозокот.

Според авторите на студијата повеќекратните рандомизирани контролирани испитувања ја покажале безбедноста и потенцијалната ефикасност на терапијата со комбинирање на псилоцибин со психолошка поддршка од обучени терапевти за третман на големо депресивно растројство.

Тие, исто така, забележале дека се прават многу истражувања во врска со употребата на псилоцибин во третманот на состојби на ментално здравје, вклучително и зависност, анксиозност и посттрауматско стресно нарушување (ПТСН).

Детали од студијата за псилоцибинска печурка

Новата студија опфатила возрасни лица кои страдаат од рак и депресија.

Во испитувањето, 30 луѓе добивале доза од 25 мг синтетизиран псилоцибин, групна терапија и сесија еден на еден со терапевт.

Истражувачите објавиле дека учесниците покажале умерени до тешки изрази на депресија на почетокот на студијата. Осум недели подоцна, истражувачкиот тим забележал дека резултатите од депресијата кај испитаниците се намалиле во просек за 19 поени.

Третманот дал траен одговор кај 80 проценти од учесниците, а половина покажале целосна ремисија на симптомите на депресија по една недела од осумнеделниот третман. Испитаниците пријавиле несакани ефекти како што се главоболка и гадење, а главоболките биле главно благи, објавиле истражувачите.

„Како онколог долги години ја искусував фрустрацијата што не можев да овозможам третман за рак на целата личност, а не само на туморот“, рекол д-р Маниш Агравал, водечки автор на студијата.

Тој рече дека ова е мала, отворена студија и дека треба да се направат повеќе истражувања, но нејзиниот потенцијал е значаен и може да има импликации за помош на милиони пациенти со рак кои исто така се борат со сериозното психолошко влијание на оваа болест.

Како може псилоцибинот да им помогне на луѓето со рак?

Д-р Дејвид Рабин е експерт за психоделична медицина и основач и главен медицински директор во Apollo Neuroscience кој не бил вклучен во студијата.

Рабин смета дека нема докази дека псилоцибинот лечи рак, но во однос на депресијата и безнадежноста поврзана со ракот, има многу докази кои силно сугерираат дека една доза на псилоцибин е исклучително ефикасна во намалувањето на депресијата и анксиозноста со кои се соочуваат болните од рак на крајот на животот.

„Голема причина за ова е природата на тоа како псилоцибинот, испорачан во безбедна средина со соодветни услови и терапевтска подготовка, му дава на пациентот чувство на длабоко единство, зголемена безбедност и поврзаност со нешто поголемо од нив. Тоа го потврдува нивното чувство за себе над и надвор од болеста од која страдаат. Ова во голема мера ги зајакнува нивната вера и надеж“, објаснил д-р Рабин.

Тој смета дека псилоцибинот добро функционира и кај пациентите со рак, бидејќи им овозможува на луѓето да го одделат своето чувство за себе од зборовите што ги користат за да се опишат себеси и нивната болест.

„Тоа ја враќа надежта и ги потиснува чувствата на депресија и анксиозност, што може да го забрза заздравувањето. Тешко е да се каже дека употребата на псилоцибин го продолжува животот, но дефинитивно им помага на пациентите да живеат подобро во времето што го имаат“, вели докторот.

Некои предупредувања за печурките и псилоцибинот

Дајан Бота, психотерапевт и лиценциран клинички социјален работник во Њујорк, која не била вклучена во студиите, рекла дека причината зошто истражувачите гледаат толку голема ефикасност во клиничките испитувања со псилоцибин е поради неговата способност да создаде когнитивна и нервна флексибилност.

„Ригидните шеми на размислување и стравовите често може да омекнат како резултат на ефектите на псилоцибин. И групната и индивидуалната терапија на крајот може да бидат многу поефективни како резултат на тоа, бидејќи поединците влегуваат во неа во состојба која природно ги прави поприемливи за промени“, истакнала докторката.

Бота рече дека некои луѓе имаат духовни искуства со псилоцибин, за кои вели дека е тешко да се измерат, но таквото искуство природно може да доведе до намалување на симптомите на депресија, бидејќи обично води до промена на светогледот и поголемо чувство на мир и леснотија.

Особено за пациентите со рак, кои често се борат со стравот од смртта, промената на нивото на анксиозност може да биде изразена. Сепак, таа посочила и потенцијални недостатоци.

„Имаше неколку случаи на псилоцибин што предизвикуваа манија или психоза. Иако многу субјекти имаат позитивни искуства, може да биде тешко да се одреди кој нема. Другите грижи се однесуваат на етиката на комерцијализација или медикаментизација на псилоцибин, кој со милениуми се смета за света тајна од одредени домородни култури“, додала таа.