Што ќе јадеме? Мушмули, пардон, ќе јадеме мармалад од мушмули!

346

Мушмулата се смета за природен лек против настинки, воспаление на крајниците и респираторните проблеми па е едноставно идеално тоа што созрева баш во времето кога се зголемува бројот на настинки и респираторни инфекции. А ако и вам ви е тешко за јадење затоа што има повеќе семки отколку „месо“, бидете спокојни – некој се сетил од нив да направи превкусен мармалад

Дали сте ја слушнале изреката: Што ќе јадеме? Мушмули ќе јадеме!

Веројатно сте ја слушнале, а со бројните поскапувања на храната ја слушаме сѐ почесто, бидејќи значи дека, всушност, нема да имаме што да јадеме.

А од каде оваа негативна конотација за мушмулите? Па веројатно оттаму што во нив баш и нема многу за јадење.

Многумина, ги избегнуваат и токму поради тоа што во себе содржат повеќе семки отколку „месо“. Сепак, сите знаеме дека ова есенско овошје е добро за здравјето. Мушмулите ја регулираат крвната слика, функцијата на црниот дроб и бубрезите и го детоксицираат организмот.

Експертите за народната медицина тврдат дека го подобруваат видот, ги зајакнуваат црниот дроб и бубрезите, ја подобруваат крвната слика, ја ублажуваат болката во грбот и колената. Се препорачуваат и при вртоглавица, дијареа, инфекција на усната шуплина, за запирање на крварење од непцата…

Мушмулата го подобрува здравјето обезбедувајќи подобра хидратација и детоксикација. Преку урината може да се отстранат отровите од телото, а притоа се намалува нивото на холестерол во крвта што многу поволно влијае на целокупната здравствена состојба.

Овој деликатес може да се конзумира свеж, а од него може да се направат сокови, чаеви, мармалад, ликер. Да, да, се прави дури и мармалад, а ние првпат имавме можност да пробаме мармалад од мушмули произведен од Драган Велков, мал производител на храна од Слоу фуд Осогово кој освен тоа произведува и ајвар, а прави и разни видови мармалади и слатка, меѓу кои, слатко од смокви и слатко од киви, но и мармалад од глог, шипки, па ете, дури и од мушмули.

А тоа, верувајте, е вистински деликатес и конечно можете да го почувствувате оној вкус на мушмули кои толку многу ви се допаѓа, а притоа да не се заморувате со требење на семки.

Да, мармаладот од мушмули беше навистина вистинско откровение, а нашиот соговорник Драган ни кажа дека ова не е воопшто комплицирано.

„Мушмулите се гмечат преку преса и на тој начин се отстрануваат лушпите и семките, а бидејќи мармаладот е сосема природен и без никакви адитиви, се задржуваат делумно и здравствените придобивки од мушмулите“, вели Драган додека ние се обидуваме да не ја изедеме цела тегла.

Мушмулите се богати со пектин, кој е вид растворливи влакна. Пектинот делува како природен лаксатив и на овој начин ја брани слузницата на цревата од токсичните материи и го намалува ризикот од појава на запек и развојот на рак на дебелото црево.

Инаку, мушмулата се смета и за природен лек против настинки, воспаление на крајниците и респираторните проблеми па е едноставно идеално тоа што ова слатко овошје созрева баш во времето кога се зголемува бројот на настинки и респираторни инфекции.