Светкави мафини: Да грабнеш и да бегаш!

104

Од секогаш сме им се воодушевувале на луѓе кај кои приготвувањето храна не завршува со рецептот, туку на сѐ му даваат и некој личен печат. Па уште и кога се од уметничката бранша…

Рецептот за овие мафини е перфектен и ако не менувате ништо, дури и ако сте првпат во кујна, мафините ќе бидат одлични.

Е сега, за украсувањето, препуштете ѝ се на својата креативност.

Младата скопјанка Јана Русевска никогаш не се задржува само на рецептот и секогаш мора да му удри „последна четка“ на што и да е она што го прави во кујната. Веројатно ова се должи на нејзината уметничка професија.

Доколку немате искуство во кујна, придржувајте се до рецептот во кој не е вклучено украсувањето, но е добра идеја.

Состојки:

2 јајца

125 мл зејтин

250 мл млеко

150 г шеќер

400 г брашно

2 лажици путер од кикиритки (по желба)

1 прашок за пециво

прстофат сол

200 г црно чоколадо

Приготвување:

Прво се матат јајцата и шеќерот, а потоа се додаваат течните состојки (зејтинот и млекото) и, по желба, како и по препорака на Јана, путерот од кикиритки. На крајот се додаваат брашното и пецивото. Откако ќе се стави брашното смесата не треба да се мати долго затоа што мафините ќе ви излезат тврди.

Додадете 100 грама исечкано чоколадо и помешајте го во смесата со лажица па распоредете ја во калапите за мафини и печете околу 20 минути на 200 степени.

Другите 100 грама чоколадо искористете ги како прелив. Украсете по желба.