Виното е храна, виното е љубов, виното е медиум… Скопскиот вински салон „Винодонија“ на 8-ми и 9-ти декември ве чека во „Мериот“

Фото: Pexels
528

Винарите велат дека основата на „танцот со виното“ е да се направи првиот чекор, да се најде совршено место за лозје. Зошто е важно? Сигурно веќе сте слушнале дека виното всушност се прави во лозјето. И дека нема добар оцет од лошо грозје! Да, да, за ова, за виното, за сортите, за лозјето и за вистината ќе слушнете и ќе научите уште многу од винарите, енолозите, сомелиерите, но и од самите себе – на седмото издание на „Винодонија“

Седмото издание на скопскиот вински салон „Винодонија“, годинава повторно во хотелот „Мериот“, во центарот на градот. На 8-ми и 9-ти декември токму тука ќе се соберат сите вљубеници во виното бидејќи „Винодонија“ стана традиција. Многумина ја нарекуваат – рај за хедонисти, бидејќи ја негува винската страст и промовира добри вина, но Винодонија е настан што покрај ова, има и едукативен карактер и со години ја потврдува својата цел: подигнување на винската свест и развој на нашата винска култура.
Затоа, за два дена на „Винодонија“ ќе се случат 6 работилници:
„Во светот на винските меурчиња“, „Вертикална дегустација на виното Орле Вранец од винарија Венец“, „Кратошија – винскиот светски патник“, „Запознај ја винска Јужна Африка – егзотично винско патување –“, „Вертикална дегустација на Ten Barrels Cabernet Sauvignon од винарија Камник“ и „Хоризонтална дегустација на вината од линијата Constellation од винарија Имако“.


Ако се земе предвид дека работилниците се сè уште ограничени (по нивниот број, како и по бројот на расположливи столчиња), останува фактот дека за поголемиот дел од посетителите клучни ќе бидат сепак изложбените маси и она што ќе се најде на нив. Некои винарски визби се подготвуваат многу сериозно и темелно за средбата „лице в лице“ со посетителите кои од година во година имаат сѐ поистенчен вкус.

Винските приказни на Винодонија

Гостите што за претстојниот викенд ќе дојдат на „Винодонија“ ќе може да дегустираат вина од околу 60 винарии, со импресивна бројка од над 450 етикети на вино и да се запознаат со најновите стилови и трендови во оваа индустрија.
Првото пенливо вино од македонската автохтона сорта Станушина на класичен (шампањ) метод пред винската публика на Винодонија 2023 ќе го претстави малата семејна Winery Kuvin. Винската игра со меурчињата, ќе може да ја искусите и со Sparkling wine – brut, пенливо вино направено по традиционална метода од сортата Совињон блан, кое се одликува со суптилни нишки од цитрус и зрело јаболко.
И тука не завршува пенливата приказна. Имено, иако започна како млад и тивок, но талентиран винар, Пере Пешков – Семејна винарија Пешков/Family winery Peshkov веќе одекнува кај винската публика. Тој е вистински виртуоз кој открива нови димензии и нови вкусови на сортата Смедеревка, а на Винодонија 2023 пристигнува со првиот македонски Pét-nat од органски одгледана смедеревка од локалитетот Фариш. Не пропуштајте да ја дегустирате, да го „одиграте“ винскиот танц со меурчињата, да се препуштите да ве заведат свежите ароми и вкусови, кои сигурно нема да ги очекувате да ги сретнете кај оваа винска сорта.

Преку совршена комбинација од локални и регионални сорти на грозје Zaharchev Family Winery/ Семејна Винарија Захарчев прерасна во препознатлив бренд на македонската винска сцена.
Една од ретките винарии која го има прифатено предизвикот во Македонија да направи вино од традиционалната балканска сорта Прокупец. Захарчев успеа традицијата да ја оплемени со најсовремени енолошки пристапи и да создаде Прокупец кој ќе го заведе вашиот поглед со црвената рубин боја, а ќе ве опие со аромите на цреши и вишни.


Фамилијарната бутик винарија од Кавадарци Naumchevi winery со посебно внимание и многу љубов создава високо квалитетни вина од славните тиквешки микро-локалитети Бегниште и Фариш.

Ѓи Ем Ен Наумчеви е меѓу првите винарии која ги открива потенцијалите на македонската винска сорта Станушина и од неа создава уникатно вино, со нежна црвена боја и цветни ароми, возвишувајќи го на пиедесталот на врвни вина.

Винскиот мозаик на винаријата го составуваат и други вина создадени од внимателно одбрано грозје и обработено според најсовремени енолошки методи, создавајќи вкусови кои долго ќе ги паметите, навраќајќи се постојано на Ѓи Ем Ен Наумчеви.

Душко Андов и неговиот син Сашко трпеливо веќе две децении го градат брендот на Винарија Ерос, успевајќи да се пробијат на македонското винско небо со неколку интересни етикети.
Пилигрим, Совињон бел од бербата 2023 година, со својата свежина на утринска зора ќе ви ги разбуди винските страсти, а уникатно винско искуство ви претстои и со трите варијанти на Станушина – црвениот Адам, Розе Ева и белата Ева.
Семејна Винарија Јаковлевски/Jakovlevski Family Winery е мала семејна винарија од Кавадарци која ги освои големите и префинети вински срца на пазарот. Препознатлива е по моќната изведба на Вранецот, односно KING Vranec OAK EDIION, моќен, робусен, зреен во дабови буриња.
На Винодонија 2023 ќе го престави и „македонското девојче“ – Станушина, нежното и елегантно розе вино богато со овошни ароми.


Sarika Winery е винарија која Прилеп го искачи на пиедесталот на вински региони. Секое шише е доказ за војничката умешност на Гоце Станоески секој грозд од строго редуцирана берба од лозјата кои датираат од 1934 година да го преточи во високо квалитетни вина. По првите пионерски чекори на македонската винска сцена, Сарика направи вистински исчекор или скок со квалитетот и до Лондон, каде на Decanter 2023, полниот и моќен Barrique Vranec Sarika, во конкуренција од 18 000 вина од 57 земји, освои среберен медал.
Од велешкиот тероар, од внимателно негувани и одбрани гроздови, Old School Winery прави смело винско портфолио со кое ќе се претстави на Винодонија 2023. Ангел, наследник на еден од доајените на македонското винарство, Тодор Гајдов, успева својата долга семејна традиција на еден енолошки вешт начин да ја збогати со нови вински приказни, креативни етикети и да создаде вина полни со страст за да ја ја наполнат секоја чаша.
Применувајќи модерни енолошки методи и современа опрема за производство на вино Family Winery Maksimilijan го создава Вранец барик 2021, кој во конкуренција на 1.2000 вина освои сребрен медал на Балканскиот натпревар BIWC.
Вгнезден во прегратките на едно од најатрактивните лозја на Балканот, со пејзаж како од некоја винска бајка, Chateau Sopot Makedonija веќе е една од најсјајните ѕвезди на македонското винско небо.
Вистинска возбудлива револуција во вкусовите на винските сорти Жилавка и Станушина ќе донесе на Винодонија 2023 Family Winery “Podrum Paradžik” – Семејна винарија “Подрум Параџик”. Винаријата има производствен капацитет од 10.000 шишиња годишно и најголем дел од виното го произведува од сопствени лозови насади.


Величественоста на древниот македонски дух, традиција и тло, преку современ вински стил ни ги носи автентичната Chateau Kamnik Winery, најголемиот колекционер на вински признанија и награди. Пред винската публика ќе се претстави „Ten Barrels Cabernet Sauvignon Reserva 2020“, вино кое доби национален трофеј и е прогласено за нaјдоброто вино од Македонија на винскиот саем „Винска визија на Отворен Балкан“.
Од живописните предели на село Курија, неготинско, пред винската публика на Винодонија 2023 пристигнува познатата Вардарска Долина Винарија/ Winery Vardarska Dolina. Тука ќе биде и Lazar Winery, кој е цврсто етаблиран вински бренд во Македонија, но и новиот светилник на винската култура во Македонија, Paragon Urban Winery кој ќе има премиера пред винската публика на Винодонија 2023, како и винаријата ДРУМ – Winery DRUM, новоформирана винарија, но искусен чувар на тајните на виновата лоза на виничкиот тероар.
Venec Winery со лозови насади на еден од најдобрите тероари во Македонија, Долни Дисан, со избор на најдоброто грозје, ферментирано на најпрефинет начин, создава винско искуство кое ќе го паметите.
Iliev Winery е винарија која создава премиум квалитетни вина уште од 2005 година, многу вешто и умешно успева на тиквешкиот терорар да му даде свој, автентичен и препознатлив белег.
Недопрената природа на лозовите насади на микролокалитетот Кршла, на надморска висина од 650 до 700 метри, на винаријатa Vinika е тајната состојка на нејзините органски вина.
На Винодонија 2023 ќе имате многу што да слушнете, да вкусите и на штандот на семејната винарија Wine cellar Popovi – Tikves Region, но и на оној на винаријата KEREM, на младиот вински ентузијаст Филип Трајковски.
Винаријата Brzanov Artisan Winery – Винарија Брзанов уметнички го оркестрира секој внимателно одбран грозд, за да создаде вински ремек дела.
Возвишен спој на вински ароми и вкусови на винската публика на Винодонија 2023 ќе понуди винарија „Кукутанов“ од Радовиш.
Dalvina Winery на Винодонија 2023 ќе го претстави уникатното струмичко виногорје, а тука ќе бидат и Сковин Винарија/Skovin Winery, ветерани кои учествуваа во обликување на македонската винска сцена во изминатите децении, Bovin Winery, еден од најстарите и најпопуларните вински брендови, кој прави совршен спој на традиција, тероар и квалитет.
Потоа, Stobi Winery – Винарија Стоби која создава едни од најдобрите и највкусните вина во Македонија, но и најголемата винарија во регионот и најпознатиот вински бренд кај нас Tikveš Winery – Винарија Тиквеш која неуморно и бестрашно открива низа на нови стилови и сорти на вино од различни микро-локации во Македонија.

Уште вински приказни

Ќе има и уште многу други винарии но, едноставно, не можеме да ги собереме сите во еден текст, но оние кои ќе дојдат ќе можат да се запознаат и со нив и со сите оние кои ги создале вината и кои ќе ни кажат многу занимливости, мудрости и вистини за нив.
На пример, дека основата на „танцот со виното“ е да се направи првиот чекор, односно, да се најде совршено место за лозје бидејќи, а сигурно веќе сте слушнале за тоа дека виното всушност се прави во лозјето. И дека нема добар оцет од лошо грозје!
Ќе ви кажат и дека во светот на виното сѐ е релативно, дека виното е медиум, односно, она што преку вашите сетила ве поврзува со сонцето, небото, земјата, водата, разни луѓе и судбини. И дека целата светска географија е завиткана во шише вино, сите климатски промени, потта, маката, соништата и надежите на лозарите, винарите, трговците, сѐ е во секоја голтка вино. Затоа виното не е пијалак туку храна. Храна за душата, но и вистинска храна со која, дури и ако немаш ништо друго да јадеш, ќе преживееш!

Гастро катче на Винодонија
Тоа сепак не значи дека на „Винодонија“ нема да имате и друга храна за комплетно уживање, храна која, за разлика од виното, не е во течна состојба.
Во рамките на салонот ќе можат да се вкусат и гастрономски деликатеси од околу 15-тина гастрономски брендови од Македонија. Доколку ги сакате тартуфите, ако сте навлечени на нивната арома, вкус и миризба, ќе ве инспирираат деликатесите на Валентина Митрова и нејзиниот бренд ТУФ.МК.

Nutriko со својот моќен капацитет и одличен тим ќе биде на Винодонија со своето афионово масло кое го врати на македонската трпеза и како храна и како лек.
Тука ќе биде и Саша Стојчески, SasaTruffles, со неговите производи од тартуфи како дел од гастрономската понуда на Винодонија. Потоа, најдобрата солена и блага зимница на „Моја бавча“, врвното слатко и мармалад на „Англески“, маслата од лешник „Перески“ со нов производ, комбинација на маслото од лешник со ѓумбир, но и други претставници на гурманската традицијата на Слоу Фуд Македонија.
И така, додека уживате таму со сите овие деликатеси и убави вина, имајте предвид дека вистината за виното е секогаш некаде на средина, но пред се, во вас! Во сè можете да најдете маана, но и доблест. Фокусирајте се на второто и ќе сфатите дека дури и вината што ги сметавте за просечни можат да бидат одличен избор во вистинско време и со вистинско друштво.