Вистински домати и јагоди, македонски тартуфи, вина и ракии: Трета сезона на промоција и продажба на органска храна

385

Во сабота (6 мај) во Јавна соба почнува третата сезона на Пазарче.орг, кадешто посетителите ќе имаат можност да дегустираат, но и да си купат свежо овошје и зеленчук, зачини, јаболков оцет од диви јаболки, маџун, јаткасти плодови, компоти, сирења и кашкавали, сувомеснати производи, медови, производи со тартуфи, мармалади, вино, ракии и други производи кои се произведени од мали производители на органска храна.

Оваа сабота (6 мај) во 10 часот на зелената тераса во скопската „Јавна соба“ почнува третата сезона на промоција и продажба нa органска храна – Пазарче.орг (орг = органска храна). Исклучително важен настан кој им дава поддршка на земјоделците и на производителите кои произведуваат малку, внимателно и на природен начин, но е во корист и на потрошувачите кои сè повеќе се едуцираат и се насочуваат кон здрава и природна исхрана.
Посетителите, покрај дегустацијата која е карактеристична за овој органски пазар, ќе имаат можност да се снабдат со свежо овошје и зеленчук, зачини, јаболков оцет од диви јаболки, маџун, јаткасти плодови, компоти, сирења и кашкавали, сувомеснати производи, медови, производи со тартуфи, мармалади и други производи кои се произведени од поединци или од семејни производители. Вината и ракиите од мали семејни винарии и дестилерии, се автентични и неповторливи, а од причина што се произведуваат во мали количини може да се купат само на овој настан. Доказ за нивниот квалитет се многуте награди освоени на домашни и регионални натпревари. Зачин на целиот процес на пазарење и дегустација е ДЈ Јоци и кулинарскиот перформанс на правење самбал (индонезиски лут намаз) на Пол Хотхаузен.
Љубителите на добри летни коктели ќе имаат можност да дегустираат коктели од винската сорта “Станушина” како поддршка за Денот на Станушината – 7. мај.
Пазар.орг е во организација на Јавна соба во соработка со Бакалница.нет, Зелена Република и Прва Органска Задруга, кои решија сите овие вкусови од Македонија да ги доближат до пошироката јавност со цел да се разбие стигмата дека органското е скапо, неубаво на изглед и тешко достапно кај нас. Напротив, производителите на свежи и преработени органски производи во изминатите години напредуваа брзо благодарение на повисоката свест кај сѐ поголемиот број граѓани кои разбраа дека конвенционалната храна содржи во себе огромен број на пестициди. Факт е дека многу луѓе во Скопје сѐ уште немаат пробано вистински производи, односно, здрави и непрскани јаболка или домати, кои на изглед ја немаат формата и сјајот како оние кои се десетина пати поминати со најразлични препарати.
Пазар.орг ќе се одржува секоја сабота на зелената тераса во Јавна соба со цел да се креира поголема афирмација и застапеност на пазарот на малите македонски производители и да се помогне секој еден органски продукт полесно да го најде местото до трпезите во цела Македонија и пошироко.
Линк: https://www.facebook.com/events/647402413889176