Вкусна пита со просо и тиквички

289

Брашно од просо, гриз и многу малку бело брашно, тиквички, сирење и сето тоа набрзина спакувано во вкусен оброк

Ако сакате да направите набрзина нешто што нема да биде само тесто и калории, ова е одлична варијанта за да си го задоволите апетитот, а сепак да внесете и некои здрави состојки.

Ако сте љубител на тиквички, искористете ги додека се уште ги има на пазарите и вметнете ги во што повеќе рецепти. За оваа пита ви требаат две тиквички кои треба да ги изрендате, да ги спосолите и да ги оставите барем на 20 минути за да пуштат вода.

Потоа смелете 150 грама просо и изрендајте 200 грама сирење (ако сакате, наместо сирење можете да ставите урда).

Ќе ви требаат и 3 јајца на собна температура, 200 мл јогурт, 100 мл масло, а освен брашното од просо, ќе ви требаат и околу 50 г гриз и 50 грама бело брашно и 1 прашок за пециво и црн пипер (наместо бело, можете да искористите и некое интегрално ако сакате).

Сите состојки измешајте ги, па истурете ја смесата во тепсија подмачкана со путер (или масло) и поросена со гриз. Одозгора поросете со семки по ваш избор. Ние ставивме и семки од сончоглед и семки од тиква и сусам и ким. Се пече во загреана рерна на 180 степени околу 40 минути.

Многу сочно и вкусно.