За добро варење, холестерол и притисок: Четири рецепти со хељда полни со влакна и витамини

Фото: Pexels
394

Ако сте уморни од секогаш истите рецепти, зошто да не ѝ дадете шанса на хељдата? Благодарение на влакната таа придонесува за здраво варење, намалување на холестеролот и високиот крвен притисок.

Чорбите и варивата се вистинско освежување за организмот во зимските месеци. Ако сте уморни од секогаш истите рецепти, зошто да не ѝ дадете шанса на нутритивно богатата и неправедно запоставената хељда?

Хељдата е житарка без глутен која на 100 г содржи:

10 г влакна
околу 13 г протеини
околу 70 г јаглени хидрати.

Содржи и важни минерали како што се железо, магнезиум, бакар, цинк и манган.

Благодарение на влакната придонесува за здраво варење, намалување на холестеролот и високиот крвен притисок.
Покрај тоа што се користи како цело зрно, хељдата се користи и во форма на брашно, гриз и чај.

Варивото од хељда е многу хранлив оброк кој ќе го заживее телото, ќе му ги даде потребните витамини, минерали, влакна и протеини. Тоа е одличен избор за луѓе кои страдаат од целијачна болест или се нетолерантни на глутен.

Правилната подготовка на хељдата вклучува готвење од 30 минути во сооднос на вода и хељда од 2:1.

Вариво од хељда и леќа

Комбинацијата од житарката хељда и мешунките од леќа обезбедува целосно избалансиран оброк, бидејќи комбинацијата од житарки и мешунки обезбедува комплетен аминокиселински состав. Затоа ова е идеален оброк за вегани и вегетаријанци.

Состојки:
150 гр леќа
100 гр хељда
1 супена лажица маслиново масло
1 кромид (сечкан)
2 моркови (исечени на тркалца)
1 корен од магдонос (исечкан)
1 чешне лук
1/3 главица целер (исечен на коцки)
сол
пипер
1 лажичка куркума.

Приготвување:
На загреано маслиново масло пропржете го кромидот, а потоа додадете го остатокот од зеленчукот и динстајте неколку минути.
Исплакнете ги хељдата и леќата со вода.
Во динстаниот зеленчук додадете вода, леќа и хељда.
Зачинете и варете околу 30 минути.
Ако сакате, додадете коцки тофу во веганската верзија или исечени колбаси во верзијата со месо.

Чорба од леќа и грав
Еве уште една одлична комбинација на житарки и мешунки кои ќе обезбедат комплетен аминокиселински состав на протеини. Покрај веганите и вегетаријанците, оваа комбинација која збогатена и со печурки е одлична и за сештојади кои сакаат да се одморат од јадења со месо.

Состојки:
200 гр грав (накиснат преку ноќ или од конзерва)
100 гр хељда
1 кромид (сечкан)
2 мали моркови (исечени на тркалца)
200 гр печурки (исечкани)
1 супена лажица маслиново масло
2 лажички концентрат од домати
2 лажици тапиока скроб
1 лажичка црвен пипер
сол
пипер
половина лажичка мајчина душица.

Приготвување:
Ако користите сув грав, натопете го преку ноќ. После тоа, исплакнете го и варете го околу 45 минути. Ако користите конзервиран грав, доволно е да го додадете кон крајот на варењето.
На загреано маслиново масло пропржете го кромидот, а потоа додадете го исечканиот зеленчук и динстајте неколку минути.
Додадете црвен пипер, сол и концентратот од домати и измешајте.
Додадете ја измиената хељда, водата и останатите зачини и варете околу 30 минути. Користете тапиока скроб за да се згусне.
Кон крајот додадете го конзервираниот грав.

Вариво од хељда и наут

Наутот како мешунка ја надополнува и хељдата како зрно во својот аминокиселински состав. Доколку користите сув наут, задолжително натопете го и сварете го според упатството. Сепак, за ова можете да користите и конзервиран наут.

Состојки:
1 чаша хељда
450 гр конзервиран наут
1 супена лажица маслиново масло
1 кромид (сечкан)
1 чешне лук (исечкано)
2 моркови (исечени на тркалца)
1 чаша брокула
половина лажичка ким
црн пипер
сол
1 лажичка куркума.

Приготвување:
На загреано маслиново масло пропржете го кромидот, додадете лук и морков, зачинете и кратко продинстајте.
Додадете ја измиената хељда и вода и варете околу 15-20 минути.
Додадете брокула и конзервиран наут и оставете да се вари уште 5-10 минути.

Вариво од хељда и зеленчук
Потребната дневна количина зеленчук можете да ја внесете и на овој начин. Според принципите на правилна исхрана, возрасен човек треба да консумира околу 400 гр зеленчук. Затоа, чорбата збогатете ја со зеленчук од најразлични бои и групи, кои ќе внесат разни важни хранливи материи за нормално функционирање на организмот. Пример за тоа е оваа чорба од хељда и праз.

Состојки:
1 чаша хељда
1 праз (исечен на прстени)
1 кромид (сечкан)
1 супена лажица маслиново масло
2 моркови (исечени на тркалца)
половина чаша карфиол
половина чаша прокељ (исечен на четвртинки)
1 компир (исечен на коцки)
црн пипер
сол.
Приготвување:
На загреано маслиново масло пропржете го кромидот, додадете моркови, праз и зачини и пржете неколку минути.
Додадете ја измиената хељда и вода и варете околу 15 минути.
Додадете го компирот, оставете да се вари пет минути, а последните 5-10 минути додадете ги карфиолот и прокељот за зеленчукот да остане крцкав.