За социјалното претприемништво и ајварот од Лебане: За АРНО, за убаво…

703

Патувањето во Лебане, во соседна Србија викендов беше можност да се запознаеме со успешната приказна на социјалното претпријатие „Раданска ружа“, приказна за тоа како ајварот од Лебане стигнал до европскиот пазар, па и пошироко. Патувањето во организација на АРНО е дел и од прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија”, кој се одвива паралелно, во Македонија и во Србија. Еве ги впечатоците за патувањето, за домаќините и за сопатниците

Изминатиов викенд бев дел од групата која беше во студиска посета на социјалното претпријатие „Раданска ружа“ во Лебане, соседна Србија, а во организација на АРНО.

За оние кои не знаат, социјално претпријатие е претпријатие кое како и сите други претпријатија прави профит, но профитот не е крајната цел. Имено, поголемиот дел од профитот се реинвестира во потребите на заедницата.

За оние кои не знаат пак што е АРНО, станува збор за здружение за социјални иновации со посебна мисија за развој и имплементација на социјални иновациии и промоција на нови опции и современ технолошки пристап за подобрување на општеството. Оваа асоцијација за развој на нови опции е истовремено и асоцијација на тоа што во речникот можете да го најдете како објаснување за зборот АРНО, значи, „добро“, „убаво“, сѐ што е спротивно од неарно. А оснивач и мозок на АРНО е Ирина Јаневска.

Не се сеќавам точно кога и како ја запознав Ирина, но муабетот ни тргна од прва. Иако, искрено, не мислам дека е до мене, веројатно неа така ѝ оди муабетот со сите. Оваа девојка која е постојано со подготвени куфери за нова „акција“, има  еден куп идеи за нови проекти и ангажмани со кои ќе им помогне на оние кои компаниите во  трката за профит најчесто ги забораваат, на маргинализираните, или едноставно, на младите на кои им треба само мал поттик и насока за да си го најдат своето место во општеството.

Па така, АРНО се дел и од прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија”, кој се одвива паралелно, во Македонија и во Србија. Споменатото патување во Лебане пак, беше можност да се запознаеме со успешната приказна на социјалното претпријатие „Раданска ружа“, приказна за тоа како ајварот од Лебане стигнал до европскиот пазар, па и пошироко, на другите континенти.

Во автобусот, пак, многу интересни луѓе, учесници на Академијата за социјална економија, луѓе кои допрва ја развиваат својата идеја за социјално претпријатие, или едноставно, луѓе кои планираат да станат дел од овој свет, светот на социјалното претприемништво.

Убави луѓе, дружељубиви, отворени, насмеани, сите до еден. Со нас е Пољакињата Барбара Садовска, психолог и основач на Фондацијата „Барка“ во Полска, добитник на многубројни награди во сферата на социјалното претприемништво и член на националниот комитет за социјална економија на Полска, жена која верува дека е исклучително важно обичните луѓе од улица да се охрабрат да ги менуваат своите животи, преку учество во општествените и животни текови и преку градење и поттикнување на сопствените вештини.

Потоа, двете симпатични госпоѓи, Гордана Родиќ и Љиљана Петров, Србинки кои во Македонија дошле, како што велат, по љубов, а сега, освен љубов и семејства, тие се дел од Цип-центарот за интеграција и поддршка (SIEC), кој е меѓу победниците на Академијата за социјално претприемништво која се спроведе во рамки на прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“. Тој ќе вклучува млади и жени Ромки во производство на ранци направени од материјален вишок од фабриката за мебел „Биростил“- Скопје, а наградата ќе ја искористат за набавка на машини за шиење со кои понатаму ќе се пружаат и обуки.

Со нас беше и колешката Марија Георгиева од „Наша ТВ“ која е дел од Академијата и планира отварање на социјално претпријатие, но и Билјана Кироска, младите Марија Арсенкова, Борјан Исајловски, Александар Василевски, како и симпатичната Зехра, Турчинка од Бурса која е во Скопје дојдена како волонтер во Центарот за младински активизам „Крик“. И сите останати, заедно со претставничката од АРНО, младата Симона Славкова и шоферот, трпелив човек кому не му беше проблем да застане пред дури 6-7 аптеки по патот, само за да го побарам лекот кој кај нас го нема, но наводно требаше да го има во Србија. Секако, беа трпеливи сите заедно, па дури кога стасав дома сфатив колку беше необична целата таа ситуација со трчање по аптеки додека цел автобус трпеливо ме чека, сѐ до моментот додека сите во автобусот не почнаа и самите да посочуваат секогаш кога ќе наидевме на уште една аптека. Лекот не го најдов, но никогаш нема да ја заборавам трпеливоста на моите сопатници.

Инаку, социјалното претпријатие „Радањска Ружа“ кое го посетивме во соседната држава е главно составено од жени од маргинализирани групи. Овошјето и зеленчукот се берат и се обработуваат рачно, а се готват на обични шпорети во мали тенџериња, во една голема заедничка кујна, по традиционални стари рецепти. Производи без конзерванси и други адитиви, пастеризирани и спакувани во стаклена амбалажа. Секоја тегла ја пренесува енергијата на посветеноста, грижата и вниманието што жените ги вградиле во нив преку својата работа.

Нивната мисија, велат, е квалитет, а не квантитет, но жалат затоа што за нив повеќе знат надвор од нивната држава отколку во неа. Социјалното претпријатие „Раданска РУЖА“ е основано како непрофитно друштво со ограничена одговорност, финансирано од Европската Унија, Владата на Швајцарија и Владата на Република Србија преку европската програма ПРОГРЕС.

Секоја од жените од овој регион кој си го вадат лебот во ова социјално претпријатие си има некоја своја приказна, без разлика дали е самохрана мајка, жена која има завршено само осум одделенија, вдовица или инвалид. Заедничко им е тоа што потекнуваат од околината на ова гратче на југот на Србија, од планинските села каде што нема работа и каде што освен цвеќиња и овошје, ништо друго одамна не цвета.

На многумина платата што ја земале им била прва во животот, а го прават тоа што и онака цел живот го прават и дома. Овојпат, за плата.

Ете, тоа е пример за една успешна приказна за социјално претпријатие какви што ги има и кај нас и се надеваме дека нивниот број постојано ќе расте.