Зошто домашниот кефир е поздрав од купечкиот?
Според молекуларниот биолог и микробиолог Хрвоје Докузовиќ, вистинскиот кефир подготвен со кефирни зрнца содржи многу побогат спектар на корисни микроорганизми и има поголеми придобивки за цревната микрофлора.
Кефирот одамна се смета за една од најздравите ферментирани намирници, а експертите сè почесто го препорачуваат како природна поддршка за здравјето на дигестивниот систем. Сепак, според молекуларниот биолог и микробиолог Хрвоје Докузовиќ, постои значајна разлика меѓу кефирот што се купува во продавница и оној што се подготвува дома со традиционални кефирни зрнца.
Докузовиќ вели дека кефирот е меѓу најдобрите намирници за цревната микрофлора, но предупредува дека индустриски произведениот кефир и домашниот кефир не се исти производи. Според него, купечкиот кефир најчесто се произведува со ограничен број бактериски култури за да има стандарден вкус и квалитет.
Од друга страна, традиционалниот домашен кефир се добива со ферментација на млеко со помош на кефирни зрнца, кои содржат сложена заедница од бактерии и квасци. Токму оваа разновидност на микроорганизми е неговата најголема предност.
Научниците денес сметаат дека разновидната цревна микрофлора е еден од најважните показатели за добро дигестивно и метаболичко здравје. Луѓето со поголема разновидност на корисни микроорганизми во цревата обично имаат подобра дигестија и поефикасно искористување на хранливите материи.
Подготовката на домашен кефир е релативно едноставна. Потребно е да се набават кефирни зрнца, да се прелеат со млеко и смесата да се остави на собна температура околу 12 часа. Потоа кефирот се процедува, а зрнцата се чуваат и повторно се користат за следната тура. При подготовката важно е да се користи чист сад и да се почитуваат основните хигиенски правила.
И покрај бројните придобивки, стручњаците потсетуваат дека ниту една намирница не е чудотворен лек. За здрави црева и силен имунитет потребна е разновидна исхрана богата со растителни влакна, овошје, зеленчук, мешунки и интегрални житарки, како и редовна физичка активност. Кефирот може да биде вреден сојузник во таа насока, но само како дел од здравиот начин на живот.