Брашно, вода, сол и љубов за три светови…

1.379

Весна Миленкоска по професија е готвачка, ама готви само за своето семејство и од пред 16 месеци, од хумани причини, за други семејства кои имаат потреба од тоа. Домашните лебови со маја ѝ се љубов, а хуманоста – карактерна особина

Весна Миленкоска живее во Охрид со сопругот и двете деца. По професија е готвачка, но никогаш не влегла во кујна професионално.

„Сето она што го правам во кујната е од љубов и за потребите на моето семејство“, вели таа, а ние би додале – и за потребите на други семејства, сосема непознати, за кои Весна готви секој последен четврток во месецот.

Имено, нејзината хумана иницијатива #зготвииподари ѝ се родила како идеја во текот на пандемијата.

„Сакав искрено да подарам некому оброк, барем за миг да направам да бидат безгрижни. Оваа приказна трае веќе шеснаесет месеци, секој последен четврток во месецот готвам и донирам оброк во некое семејство кое има потреба од тоа. На почетокот контактите од семејствата ги добивав од хуманитарци за кои знам дека искрено помагаат, а сега се случува и лично да ме контактираат или по препорака од некои заеднички пријатели да стапам во контакт со нив“, ја почнува Весна својата хумана приказна.

Кога се родила идејата за #зготвииподари се родил и нејзиниот профил на Инстаграм – https://www.instagram.com/foodjoy_ves.

„Откако ќе  разговарам со семејството и ќе видам што им треба, објавувам, а секако дека тоа е секогаш анонимно. На тој начин можат да прочитаат и да се вклучат и други добри луѓе и да помогнат. Секогаш има некој што сака да помогне. Дали се тоа парични средства, храна или облека, воопшто не е важно, важно е тоа што од месец во месец има сè повеќе луѓе кои се вклучуваат. Има добри луѓе и тоа ме радува“, вели Весна.

Таа секогаш прво се слуша со луѓето за кои ќе готви и уште во првиот телефонски разговор се договараат.

Никогаш не им ветува ништо освен дека ќе добијат комплетен топол оброк со салата, топло лепче и десерт.

А топлото лепче е сосема друга приказна која Весна ја почнала пред 16 месеци.

Почнала да прави леб со кисело тесто, прво само за домашните, а потоа, сосема спонтано, почнала да го прави и по нарачка.

„Киселото тесто го работам повеќе од една година. Од гледање странски пекари како го прават тоа, бев инспирирана да почнам. На почетокот неколку пати го фрлав стартерот, кој бара многу труд и време. Самиот стартер се изработува седум до девет дена, потоа треба добро да се чува, да се одржува, да се прихранува секој ден. Изработката на лебот, од замесување до печење, трае 24 часа. Станува збор за природна ферментација, без квасец и адитиви, без никакви додатоци, само брашно, вода, сол и љубов како главна состојка.
Работам онолку колку што можам да постигнам сама. Започнав спонтано, со објави на мојот профил на Инстаграм, а потоа, поради барање на мои следачи, почнав и да го продавам. Има интерес и задоволна сум, иако е сè уште ново и недоволно промовирано кај нас, но добро е. Кога ќе пробаат и ќе добијам порака дека се навистина задоволни, јас сум среќна. И моите дома ги обожаваат овие лебови и чудно им е кога некогаш остануваме без леб и треба да се купи“, се смее таа.

Кога има нарачки за повеќе лепчиња, за достава ѝ помага синот, а ќерка ѝ пак е секогаш околу неа и со голем интерес и желба да научи ја гледа како работи.

Весна вели дека киселото тесто ја научило на трпеливост, на смиреност… „Едноставно, љубов ми е“, вели оваа охриѓанка.

А бидејќи љубовта треба да се дели, Весна, освен што сега прави лебови со кисело тесто по нарачка и за други, љубовта ја дела и преку нејзините оброци кои великодушно ги подготвува секој последен четврток во месецот за едно семејство.

„Никогаш не им откривам или ветувам нешто што не можам да исполнам. Ако успеам, сме успеале заедно со луѓето кои се вклучиле за да помогнат. Тоа што ќе го подготвам за избраното семејство секогаш зависи од тоа колку средства ќе успеат да се соберат, колку повеќе средства, толку повеќе набавки.

На пример, во разговор со последното семејство за кое готвев на крајот од минатиот месец, разбрав дека немаат дрва за огрев и им кажав дека ќе се потрудам да им набавам. Од сите средства што се собраа купивме дрва, но и велосипед, кој беше изненадување. Жената беше пресреќна“, вели Весна која овие семејства секогаш ја испраќаат со солзи радосници и милион благослови.

„Поддршката од луѓето што ме следат и што помагаат искрено ми значи, па ќе ја искористам приликава да им се заблагодарам. Во иднина би сакала да се вклучат што повеќе луѓе, за да имаме можност да решаваме што повеќе проблеми, да усреќиме што повеќе семејства и барем за миг да им го разубавиме секојдневјето.

Среќата се множи кога се дели. Помогни! Денес јас, утре ти!“, порачува оваа хумана жена.