Здрави бургери, оригинал македонски

2.894

Двајца сложни браќа во нивниот киоск во охридската чаршија, пред 4 години ја почнале својата иновативна приказна, сега позната како Burger Station. Таму ги подготвуваат најиновативните бургери кои се сѐ само не она што би им го забраниле на своите деца како брза и нездрава храна. Напротив.

Двајца браќа од Охрид, Бојан и Филип Стојковски, во нивниот киоск во охридската чаршија пред 4 години ја почнале својата приказна која најпрвин ја замислувале како класична сендвичара, веќе видена сигурна бизнис приказна во која ќе продаваат бургери како и во многу други места кај нас и во светот. Но во меѓувреме, на задоволство на сите, отишле во сосема друга насока и сега, под брендот познат како Burger Station подготвуваат бургери кои се сѐ само не она што би им го забраниле на своите деца како брза и нездрава храна. Напротив.

Нивните бургери се олицетворение на онаа улична гастрономска сцена која во светот, а еве сега и кај нас, е препознаена како сцена на која ќе најдете вкусна храна направена со посебно внимание, од најквалитетни состојки, а во нивниот случај, некои од нив и исклучиво наши, традиционални и непознати за остатокот од светот. На пример, оригинален македонски бургер кој е направен со ајвар, кисели краставички, овчо сирење и макало од лук кој иако звучи како луда и неспоива комбинација, всушност е одлична бургер варијанта.

На списокот на нивните уникатни бургери е и тартуф бургерот кој се служи со домашен мајонез од тартуфи, а кога има можност, односно, кога имаат свежи тартуфи, тогаш со свежи рендани македонски тартуфи. Дел од понудата се и бургерите направени со бавно печено месо искинато на конци („Pulled pork“ и „Pulleд chicken“), за кои е задолжена Јасмина, дел од тимот и вереница на еден од двајцата браќа.

Инаку, нивната приказна со иновативните и здрави бургери почнала сосема спонтано.

„Имаме киоск во чаршија и идејата да отвориме киоск за бургери ни тлееше уште од пред десетина години, но тогаш немавме претстава како ќе ја реализираме во однос на рецепти, концепт, понуда и краен производ. Едноставно сакавме да отвориме сендвичара и знаевме дека кога-тогаш ќе го оствариме тоа. Искрено, првичната идеја беше повеќе како бизнис идеја, да се искористи самата позиција на киоскот, но како што поминуваше времето, коцките се наместија, а ние секој ден вложувавме преголем труд и преголема љубов и фативме некој друг тек. Ова што сме денес, нескромно ќе кажеме дека е чесна заслуга за нашиот труд и посветеност“, раскажуваат браќата Стојковски.

Во својата матична бургер станица се веќе 4 години, а во новиот објект – една година.

Велат дека идејата им била заедничка затоа што тие, иако меѓу нив има 4 години разлика, функционираат синхронизирано, како да се близнаци.

Омилена поговорка им е онаа: „Брат брата не рани, ама тешко кој го нема“.

Во семејството се први кои се занимаваат со оваа дејност, а во детството и во текот на животот пред започнувањето на бизнисот, ниту еден од нив немал желба за готвење, ниту пак имале некое искуство во ова.

„Се случи една многу чудна сторија, како некоја виша сила, не знаеме ни ние како да го објасниме тој дел… Тотално неискусни типови, можете да не земете за пример ако сакате да го докажете она старо правило дека, ако нешто доволно сакаш и ако се посветиш и се трудиш премногу, тоа и ќе успее“, признаваат овие браќа кои се денес „закон“ за квалитетна брза храна меѓу сограѓаните, гостите и туристите во Охрид.

Ако ги прашате која е нивната омилена храна, тие сепак ја преферираат онаа која доаѓа од кујната на нивната мајка бидејќи, како што велат, од премногу работа едноставно многу ретко имаат можност да уживаат во нивните вкусни бургери.

Иако се релативно нови на пазарот, тие драстично и иновативно ги поместија бургер границите.

Нивната крајна цел и желба е да создадат македонска франшиза, но бараат и поддршка од властодржците со тоа што ќе се намали форсирањето на увозни брендови за да се намножат нашите локални, македонски.

„За некоја година се надеваме дека ќе бидеме присутни во повеќето градови од Македонија. Барем тоа ни е крајна цел и желба. Во меѓувреме, за нашите сограѓани, иако нашите бургери се најскапи, се највкусни и навистина се „закон“.

Иако бевме дел од првиот пазар на Слоу фуд Охрид, сѐ уште не сме официјално дел од Слоу фуд. Иницијативата за нашето учество дојде од Мики од „Papa’s Food“, човекот задолжен за  најдоброто охридско макало од лук кое е составен дел и од нашиот македонски бургер. Го креиравме и беше на понуда во 2019 година, како еден од многуте бургер иновации. Од недефинирани причини, некако го ставивме на чекање и токму сега, на пазарот на Слоу фуд, беше вистинското време за да го претставиме во полн сјај. Како што ни пренесоа, бидејќи ние бевме на работа, за многу кратко време се потрошила количината и сите биле изненадени од успешната комбинација на не така познатите состојки за бургер“, задоволно велат браќата.

Сепак, досега се уште најбаран кај нив е оној бургер кој има и најстандарден бургер вкус. Класика во модерна верзија, со лепчиња и месо кои ги набавуваат од локални фирми, по нивни стандарди и барања. Бидејќи своите бургери ги класифицираат како здрава брза храна, ги прашавме со што можат да го оправдаат ова.

„Прво, набавуваме секој ден продукти во смисла на свежо месо, свежо печени бургер лепчиња, итн. Сите продукти кои се користат се избрани по највисоки стандарди. Нашиот познат пекарски компир го печеме во рерна, плескавиците ги приготвуваме секогаш свежи и не работиме со готова храна. Месо, компир, сосови, сето тоа се наши производи и без разлика дали ќе ви се допадне или не, тоа што ќе го јадете кај нас не можете да го најдете на ниту едно друго место“, завршуваат тие.

Оние кои ги испробале бургерите на сложните браќа, велат дека дефинитивно, ова е жива вистина.