Искористете ја течноста од конзерва со наут или грав како замена за јајца

Фото: Freepik
343

Делот во конзервата што обично го фрлате може да го искористите кога ќе останете без јајца. Оваа течност е позната како аквафаба и е одлична замена за јајца. Три лажици од конзервирана аквафаба ќе бидат добра замена за едно јајце, а две лажици ќе бидат достојна замена за една белка. Течноста се става во сад, се додава шеќерот и се меша додека не се добие снег каков што би добиле со мешање белки.

Ако го сакате наутот и често го користите во разни чорби, при подготовка на намази, салати и друго, а најчесто го користите оној од супермаркет кој доаѓа во лименка, не ја фрлајте течноста во неа бидејќи можете да ја искористите на различни начини. Оваа течност се нарекува аквафаба, а потекнува од латинските зборови аква (вода) и фаба (грав) и е дел од секоја лименка која содржи, на пример, грав или претходно споменатиот наут. Додека аквафабата во конзерва грав сè уште има одреден вкус и често има поинаков изглед, онаа од наут е понеутрална и попроѕирна и наликува на белки од јајце, па затоа токму таа често се користи како замена за јајца.

Аквафаба може да добиете и ако дома варите наут, но тој од конзерва ќе биде погуст и посигурен избор при подготовка на јадењата.

Целосна замена за јајца

Многу рецепти, особено оние за колачи и торти во својот состав содржат јајца. Веганите, оние кои се алергични на јајца или пак оние кои едноставно не сакаат јајца, заради тоа се присилени да ги избегнуваат тие јадења, или да бараат алтернатива. Како замена за јајца веќе со години се користат банани, јаболка, ореви, тикви, чиа семки, ленено семе, јогурт од соја, како и разни комбинации од намирници како прашок за пециво и оцет, желатин и вода и слично. Овие алтернативи можат да послужат во некои рецепти, меѓутоа, не се адекватно решение во оние рецепти за кои е потребна пена од белки. Заради ова, аквафабата се смета за револуционерно откритие, односно, за единствена, природна и здрава, а според многумина, и најцелосна замена за јајца.

Најчести дилеми

Сите оние кои првпат се среќаваат со аквафабата имаат доста дилеми, но и на гастрономските експерти им требало одредено време за да ги откријат сите убавини на оваа течност и да утврдат како да ја употребат и на кој начин максимално да ги искористат нејзините својства и карактеристики.

Еве ги одговорите на некои од нив:
Најдобри аквафаба својства има течноста од наутот или од белиот грав, иако апсолутно добри својства имаат и црвениот грав, црниот грав, леќата и грашокот. Зависно од тоа која мешунка ја користите, можете да очекувате благи разлики во текстурата, густината и бојата.
Аквафабата има неутрален мирис и вкус што се смета за една од нејзините највредни карактеристики.
За разлика од другите алтернативи таа придонесува за одржување на оригиналниот вкус и мирис на секое јадење.

Како да се подготви домашна аквафаба?
Мешунките е потребно да се варат на ниска температура неколку часа, а по потреба и дополнително се додека не стане слична на течноста што ја има во конзервираните мешунки. Ако течноста по варењето ви изгледа премногу течна, тогаш варете уште некое време за да добиете подобра цврстина.

Како да подготвите „снег“ од аквафаба?
На истиот начин како што матите и белки. За формирање на пена, односно, на снег, аквафабата сепак треба да ја мешате малку подолго отколку белките. Една шолја аквафаба е потребно да мешате околу 10 минути. Исто како и пената од белки, и пената од аквафаба мора што понежно да ја замешате со останатите состојки за да се одржи нејзината структура.

За кои јадења може да се користи?
Течноста може да се користи за сите јадења во кои инаку целото јајце или белката имаат улога на поврзување на сите намирници, а може да се користи за приготвување на јадења кои се консумираат сирови, како и за оние за кои е потребна термичка обработка.

Следниот пат кога ќе посакате на пример Павлова торта, а немате доволно јајца во фрижидерот, размислете за конзервата наут во оставата. Три лажици од конзервирана аквафаба ќе бидат добра замена за едно јајце, а две лажици ќе бидат достојна замена за една белка. Течноста се става во сад, се додава шеќерот и се меша додека не се добие снег каков што би добиле со мешање белки.

Ако ви остане аквафаба, чувајте ја во сад со капак во фрижидер до една недела или во замрзнувач до еден месец. Ставете ја во голем сад, замрзнете ја и префрлете ја во кесичка или едноставно ставете ја во сад за коцки мраз и вадете си по потреба.