Како беше направено врвното органско бело вино од потценетата смедеревка?

1.279

Семејната винарија „Пешков“ од Кавадарци е семејна во вистинската смисла на зборот. Во неа, засега, не се ангажирани луѓе надвор од семејството дури ни за берба на грозјето. Дедо Петре, баба Ристена, мама Гордана, тато Зоки и главните во нашава приказна – Петар јуниор и неговата сопруга Ана, сè прават сами и се надополнуваат меѓусебно

Нашите соговорници од винарија Пешков од Кавадарци ги запознавме во исто време со нивното вино – првото сертифицирано македонско органско бело вино „Фариш“, произведено со голема доза на љубов, од внимателно избрани гроздови и целосна посветеност од страна на семејството Пешкови.

Виното „Фариш“ е заштитен знак на оваа мала винарија и е првото органско бело вино на македонскиот пазар, што значи дека за грозјето од кое е направено се употребуваат само природни ѓубрива.

Винаријата произведува вино од сопствените лозови насади и функционира со ангажирање на сите членови во семејството, од осумдесетгодишните дедо Петре и баба Ристена, преку мама Гордана и тато Зоки, па сè до главните во нашава приказна – Петар јуниор и неговата сопруга Ана. Целото семејство е ангажирано во работата на лозјето и во винаријата, а почитта и размената на стари и нови знаења, искуство и новини фрчат на сите страни – младите учат од постарите, но и постарите прифаќаат и учат од помладите.

„Тиквешијата е позната по тоа што има плодна почва и погодни климатски услови за одгледување на лозови насади. Мојот дедо Петре засадил дел од лозовите насади кои ги имаме и обработуваме до ден денес, што значи дека три генерации по ред се занимаваме со лозарство. Производството на вино, ракија и маџун е исто така започнато 3 генерации наназад, но секако тоа било производство за интерна употреба, за семејството и пријателите. Јас сум прв што и професионално се занимава со производство на вино чија цел е да ги освојува љубителите на виното, да ги задоволи критериумите на критично настроените енолози и вински судии и секако да добие пофалби од помалку и повеќе искусните винољупци. Секако, мора да истакнам дека ми е особено чест што можам да ги обработувам лозовите насади кои се наследени од мојот дедо, кој и покрај својата возраст сè уште помага во работењето на лозовите насади, па ова е семеен бизнис во кој моментално три генерации се трудат да го изградат и да го остават во наследство за идните поколенија. Кога секојдневно сте сведок на работата на човек кој е речиси 80 години секако дека уште толку добивате сила и желба да работите и да направите нешто извонредно кое нема да остави никого рамнодушен“, објаснува младиот Петар кој е по професија енолог па токму тој сега го диктира темпото и начинот на работа и на производство.

„Во секој дел од работата имам помош од семејството, но производството на виното е исклучително моја одговорност и работа бидејќи кај нас важи правилото и постарите да учат од помладите, а не само обратното. Поддршката и довербата која ја добивам од нив е многу битен мотив за мене. Но да бидеме искрени, реалноста не е само мед и млеко, ништо не е розево, па кога се работи со повеќе луѓе секако дека има и недоразбирања, некои нови работи кои почнувам да ги применувам знаат да наидат на голем отпор од страна на повозрасните, но сепак на крајот квалитетот кој го прикажувам во моите производи ми помага за да добијам поголема помош и поддршка за идните промени кои сакам да ги применам. На крајот од денот, секој родител сака да го види сопственото дете како е успешно, па не е тешко да се жртвува гордоста и традицијата и да се надоместат со нови практики кои се доста подобри“, објаснува Петар.

Со органско производство тој се занимава веќе 2 години и го практикува на сите лозови насади.

„На нашите производи веќе стои знакот ’органско во преод‘ и сме навистина горди за тоа. Во периодот на трансформација на производството од конвенционално на органско кој трае 3 години, ѝ овозможуваме на почвата да функционира на природен начин и да ја поврати својата биорамнотежа.

Јас и мојата сопруга можеме на многу начини да ги надополнуваме нашите знаења и да направиме производ кој ќе биде и енолошки и хемиски со најдобри квалитети. Јас по професија сум енолог, дипломирав енологија на Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ на дисперзираните студии во Кавадарци, во 2017 година, а мојата сопруга е хемиски инженер и има дипломирано во 2016 година на студиите за применета хемија – аналитичка биохемија на Институтот за хемија при Природно – математичкиот факултет на универзитетот ’Св. Кирил и Методиј‘ во Скопје“, раскажува Петар.

Инаку, Петар и Ана имаат по 28 години и имаат петмесечна ќеркичка Климентина. Интересно за нив е и тоа што се запознале додека и двајцата работеле како сезонски работници за време на берба за локална кавадаречка винарија.

„Патиштата ни се споија и тоа е еден од најдобрите спомени и придобивки што ги имаме од тој период. Инаку, и двајцата сме од Кавадарци и двајцата потекнуваме од семејства кои имаат свое лозје, сме работеле и сме помагале во работата, знаеме колкаво внимание си бара лозјето за да може да се добие квалитетно грозје. Родителите на мојата сопруга исто така имаат лозје и исто така правеле вино и ракија за сопствена употреба, па имам и доста разбирање и поддршка за работата која бара доста време и посветеност.

Лозовите насади се нешто во кое ја гледам мојата иднина, а и голем дел од моето минато го имам поминато таму. Од почеток до крај, секогаш имам помош од семејството, па засега немаме повикано други берачи на помош.

Најтешкиот дел е работата на поле, бидејќи бара доста физичка активност, а температурите, особено во летниот период, се доста голем непријател. Органскиот начин на производство бара уште поголема работа без помош од механизација, па речиси во текот на целата година имаме доста работа која бара посветеност и физичка спремност. Исто така, немаме простор за одложување, односно, работата секогаш има период кога мора да биде сработена па нема простор за одмор“, објаснува Петар.

Мотото на неговата винарија е да работат со природата, а не против неа. Па тие произведуваат и свој маџун кој е исто така од сорта грозје (Вранец) што е сертифицирано како органско во преод.

„Маџунот го правиме од ширата добиена со пресување на грозјето, а потоа се подложува на контролирана термичка обработка на не многу висока температура, така што водата од ширата испарува, а остануваат доста поволните полифеноли, антоцијани и органски киселини кои имаат улога на антиоксиданти и поволно дејство во стекнување и зајакнување на имунитетот. Нашиот маџун се произведува без додавање на какви било хемикалии и пред сè, произведен е од грозје кое е третирано само со органски ѓубрива и затоа е уште поздрав и погоден за консумирање за мали деца, стари лица и оние кои сакаат да го зајакнат веќе формираниот имунитет“, вели тој.

За него најголем мотив и поттик се неговите баба и дедо кои му се и пример за издржливост, пожртвуваност и непоколебливост.

„Тие преживеале доста тежок економски нестабилен период и успеале да ми остават наследство кое вреди да го негувам и да го чувам, па и да го зголемам за идните генерации. Се надевам дека и јас еден ден ќе бидам пример за моите внуци, како што се моите баба и дедо за мене“, завршува амбициозниот Петар Пешков чија најголема желба е да работи и да ги направи горди неговите најблиски.