Кога жените ќе ‘посеат’ семе, а ќе се роди успешен бизнис

„Seed of life“ или во превод „Семе на животот“ е неготинска компанија чиј женски тим создава производи создадени од семиња, полни со витамини, ензими и масни киселини, особено важни сега, кога се соочуваме со пандемијата и вирусот КОВИД 19. Нивните производи се наменети и за оние кои имаат здравствени проблеми како дијабетис, хронични заболувања, алергија на глутен, срцеви болести...

0
2287

Ако сакате да се храните здраво, веројатно веќе сте се сретнале со производите на брендот Seed of life, органски и сирови крекери и хипер барови чии комбинации на семки и зачини даваат навистина необични и интересни вкусови.

Нашата соговорничка Софија Шутова го води делот за истражување и развој на нови производи на овој бренд. По потекло од село Стојаково, Богданци, по завршувањето на студиите на Економски менаџмент на Европскиот Универзитет во Скопје, иако првичниот план ѝ бил, како и повеќето млади, да ја напушти државата и да замине во странство, не само што останала во Македонија, туку и се преселила во Неготино.

Нејзината одлука, вели, е последица од ентузијазмот и визијата на нејзината братучетка Невенка Димитрова, која иако живее и работи како научник во Њујорк, во областа на геномиката и онкологијата, решила да основа компанија во Македонија.

„После моето дипломирање, јас како и повеќето мои врсници сонував да ја напуштам државата. Во тоа време причините не беа само економски: меѓу младите имаше чувство дека државата не се грижи воопшто за нашите потреби. Во меѓувреме, Невенка Димитрова, основачката на Seed of Life, дојде во Македонија. Таа отсекогаш имаше страст за здрава, особено органска храна и ги има почуствувано на себе придобивките од таквиот животен стил. Toa ја инспирираше да го основа Seed of Life, да инвестира во родното Неготино и да создаде компанија која произведува полновредна органска храна.

Ентузијазмот и визијата на Невенка дека во Македонија може да се основа  иновативна компанија со можност да се изгради позитивен тим со семеен дух,  како и желбата да помогне и да предизвика млади во време на тренд на напуштање на земјата, да останат дома, беше многу голем предизвик за мене. Видов и шанса за моја лична реализација, па се решив да го прифатам предизвикот и да станам дел од тимот.

Seed of Life беше формиран во октомври 2011. Година. Младиот стартап почна со истражувања и развој на производи со многу енергија и љубов со цел да им помогне на луѓето да водат поздрав живот.

Кога станав дел од Seed of Life се преселив да живеам во Неготино.  Мора да признам дека секојдневно се повеќе се вљубувам во мојата работа, во шармот на ова мало гратче, во скромноста на луѓето и едноставниот животен стил. Себеси се сметам за доста комуникативна личност и многу брзо и лесно се вклопив во новата средина. За многу кратко време стекнав многу пријатели, а и соседите одлично ме прифатија“, раскажува Софија.

А тимот на оваа компанија  е 100% женски, составен од 7 позитивни и вредни жени кои негуваат семеен дух.

„Вработените се внимателно избрани бидејќи во производството на храна нема импровизација. Помеѓу нас има голема хемија, ентузијазам и доверба, па  секоја од нас може слободно да го даде своето мислење, и повеќето одлуки околу производите ги носиме заедно. Уживаме во процесот на  креирање на нови производи, истражување и развој на истите.  Во моментот работиме на нови производи кои според мене ќе бидат многу интересни. Во денешно време на социјалните мрежи многу е едноставно да сме во постојан контакт. Јас го водам делот за истражување и развој на нови производи, и тој континуитет многу помага за развивање на идеи, рецепти, состав на производите, како и мапирање на слични производи од САД и од други земји. Од друга страна, ние го прифативме и имплементиравме работниот стил на Невенка во кој има многу истражувања и проби, добивање на информации од меродавни извори за здравствените придобивки и стремежот кон квалитет без компромиси“, вели Софија.

Инаку, во компанијата се посветени на здрава, органска, сирова и веганска храна полна со ензими, витамини и Омега-3 и Омега-6 масни киселини.

„Се одлучивме за ваков тип на производи затоа што се стремиме да ги вратиме животот и нутритивната вредност во храната што се консумира во ова современо време кога сите трчаме по работа и не можеме, а копнееме да се посветиме на здравјето. Токму затоа, сакаме да ја направиме оваа храна достапна за потрошувачите.

Користиме температура под 45 целзиусови за да ги зачуваме сите хранливи вредности. Се стремиме да го подобриме здравјето на потрошувачите, а воедно да востановиме и принципи за заштита на нашата планета“, објаснува нашата соговорничка.

Засега тие имаат десет видови на производи, четири видови на крекери и шест видови на барсови.

„Крекерите се направени од внимателно одбрани состојки: семиња, јатки и зачини. Тие се природно богати со ензими, витамини, растителни влакна и не содржат глутен, квасец, конзерванси и се нежно дехидрирани на многу ниска температура.

Барсовите се направени од уникатни комбинации на семки и зачини, а засладени се со урми. Полни се со витамини, ензими и Омега 3 и 6 масни киселини и се особено важни за зголемување на имунитетот, сега кога се соочуваме со пандемијата и вирусот КОВИД 19.

Сите производи се несекојдневни, со витални состојки и бавно ослободување на енергија. Вкусовите се уникатни, како на пример, употребуваме маточина, спирулина и лаванда затоа што имаат свои придобивки. Oсвен што ја зголемуваат енергијта, помагаат во одржување на здрав животен стил, здраво тело и ведар дух“, тврди Софија.

Нивните производи се наменети и за оние кои имаат здравствени проблеми како дијабетис, хронични заболувања, алергија на глутен, срцеви болести и друго.

И најважно од сѐ, сметаат дека нашата држава има потенијал за развој на хемиски нетретирана храна па нивната визија е да користат што повеќе локални состојки.

„Настојуваме да работиме со македонски партнери, но за жал, има многу малку органски сертифицирани производи и сме приморани некои од состојките да ги увезуваме од околните земји. Позитивно е тоа што сѐ повеќе македонски земјоделци почнуваат да произведуват органски суровини и доста од нив размислуваат за конверзија на своето конвенционално производство кон органско.

Трендот на органска храна расте и кај нас почнуваат да се формираат и органски задруги. Министерството за земјоделство неколку години по ред е организатор на настапот на македонските компании на најголемиот саем за органска храна BioFach во Нирнберг.

Seed of Life ги изложува своите производи на BioFach три години по ред и можеме да се пофалиме дека стоиме рамо до рамо по новитет и квалитет со други здрави производи од целиот свет“, вели таа.

Нивните производи ги има во сите поголеми маркети, а во актуелната ситуација кога голем број луѓе поради пандемијата, ретко излегуваат од своите домови, тие овозможиле и онлајн продажба со достава преку Групер шопинг молот.

Нивните производи ги има и на хрватскиот и чешкиот пазар, а во напредна фаза се и преговорите за пласирање на српскиот, францускиот, германскиот и пазарот во Обединетите Арапски Емирати.

„Се надеваме дека новонастанатата ситуација  со КОВИД  19 што побргу ќе се стабилизира и што побргу ќе почнеме со остварување на овие цели.

Ние постојано истражуваме нови пазари, анализираме и сме во чекор со светските трендови“, вели Софија.