Парфем во ракиена чашка: Есен е, време за дуњи и особено – за ракија од дуњи

620

Најголем мотив во работата на нашиот соговорник Лазар Плетварски му е да произведува нешто што го нема на пазарот. Токму затоа сега можеме да уживаме во прекрасните вкусови на овошните ракии направени во дестилерија „Плетварски“, особено онаа за која со право вели: се надминав себеси! Ароматична ракија од дуњи или парфем спакуван во шише, а дозиран со ракиени чашки.

Лазар Плетварски е енолог, мал производител на вино и на дестилати од грозје, но и на многу други, кај нас помалку застапени плодови кои тој храбро се нафати да ги спакува во шише.

Со овој семеен бизнис започнува во 2017-та година со главен мотив да се произведува нешто што го нема на пазарот. Се сеќава на почетоците кога ракијата ја дегустирале блиски пријатели, токму оние кои го поттикнале да ја отвори „Дестилерија Плетварски“ и да произведува ракија на свој уникатен начин. Веќе го знаевме по неговата одлична лозова ракија, но сега конечно, по долго време чекање на дозвола, конечно можеме да ги пробаме и овошните ракии и ликерите што ги прави со голем мерак, бидејќи се кај нас вистинска реткост, а за него, како што веќе рековме, токму тоа е најголемиот предизвик, кога нешто нема на пазарот, тој да го направи.

Така сега конечно и кај нас, запоставените овошки се најдоа во буриња за ракија, а ние имаме одлична можност да пиеме ракија од дуњи, од кајсии, круши, мастика, ама и хербален ликер од 26 лековити тревки и 10 зачини, сличен на пелинковец.

„Во Македонија се прават разни производи, а кога станува збор за пијалаци, најзастапена е лозовата ракија. Се разбира, ја правиме и ние, но од наша страна гледаме да не ги запоставиме и другите плодови како што се кајсијата, крушата, дуњата,… Можеби кај нас нема толку голема традиција за овие производи, ама самите плодови нудат одлични перформанси, па ние се трудиме секоја година да имаме по некој новитет. Минатата година, тоа беше ракијата од дуњи и според реакциите и продажбата и квалитетот на ракијата, нејзиното приготвување останува како стандарден производ и за следните години, а годинава направивме и плус ракија од круши и од кајсии, со добри резултати, но допрва ќе видиме како ќе поминат кај потрошувачите. Што се однесува до мене, иако можеби ќе звучам нескромно, сметам дека со ракијата од дуњи навистина сум се надминал себеси“, се смее Плетварски полнејќи ја малата ракиена чашка за да се увериме и самите во тоа што го зборува.

И навистина, прво што чувствувате кога ќе ја приближите до усните чашката со ракијата од дуњи е мирисот кој е рамен на мирисот на најубав парфем, но наместо со капки, дозиран со ракиени чашки.

Според историските факти и во грчката митологија, дуњата отсекогаш била симбол на љубовта, среќата и плодноста, бидејќи привлекувала внимание со својот неверојатен мирис, па и вака дестилирана и претворена во боженствен пијалак, таа привлекува најмногу внимание со својата арома.

Мирисот е исклучителен, а и вкусот ќе ве маѓепса, па потоа веројатно ќе ви биде тешко да пиете што било друго. Уште еден плус е и тоа што е дуњата е вистинска ризница на корисни состојки кои го штитат човековиот организам од разни воспаленија, а ракијата од дуњи е вкусен напиток кој е и добар сојузник и во борбата против вирусите и бактериите.

Да, тоа е таа миризлива жолта дуња, кралица на есента, прекрасна како украс на шифоњерот, а уште поубава во чинија или во чашка, како слатко, како ракија, или како состојка во многу народни рецепти од кујните на нашите баби.

Ако досега слаткото од дуњи беше речиси ритуален елемент за добредојде во старите македонски куќи, сега нему може да му се придружи и чашката со ракија за впечатокот да биде комплетен, а задоволството целосно.

„Да, кај нас обично имаме таква перцепција за дуњите, дека треба да стојат наредени на креденци, или спакувани во компот и во слатко, но самиот плод дава таков аромат, парфем кој не се заборава, што не можев да одолеам а да не го спакувам во шише. Имав можност да ја изработам оваа ракија од дуњи како што треба, во добри услови, добра дестилација и добив навистина фантастичен производ, кој со оглед на реакциите на потрошувачите, останува на нашиот репертоар и следните години“, ветува Лазар.

Кај него дома токму оваа ракија е омилен пијалак. За жал, од цел тон дуњи излегуваат само околу 30-40 литри ракија. Инаку, годинава тој направил и ракија од круши и од кајсии, а со сливите, вели ќе остави да се занимаваат колегите од Берово.

На репертоарот на дестилерија „Плетварски“ има и мастика, како стариот добар ликер од вишни, но и уште еден раритет на нашиот пазар, а тоа е неговата „Херба“, ликер од тревки, нешто како пелинковец, пијалак кој во други земји многу се консумира, а кај нас го нема.

„Наша задача е тоа што го нема, да го направиме, а навистина е штета покрај толку многу лековити тревки на дофат од рака, на планината Кожуф, да не го правиме и овој ликер. 90 отсто од тревките во овој пијалак се токму од Кожуф, а ги има вкупно 26, меѓу кои, мајчина душица, нане, кантарион, како и 10 зачини. Исто така, мора да спомнам и дека не е засладен со шеќер, туку со гроздов концентрат, па имаме навистина комплетно природен производ, без никакви адитиви и конзерванси, без бои, процеси на стабилизација, филтрација, еден комплетно чист производ кој патем, го прави поподносливо прејадувањето, па е одличен дигестив“, се смее Лазар.

Вели дека не му е жал што чекал толку долго на дозвола за овие овошни ракии и ликери, бидејќи упорноста и чекањето и тоа како се исплателе.

„Кога имаш добар производ на кој можеш да му ставиш обележје од државата, односно, бандерола, тоа е веќе друго ниво на работа и друго ниво на задоволство“, вели тој.

Инаку, производите на „Плетварски“ се застапени на 5 локации кои се специјализирани за продажба на алкохол во Скопје, 2 во Прилеп, во продавницата на „Папас фуд“ во Охрид и во една продавница во Струмица.

И за крај, ако го прашате дали некој од неговите пијалаци е поомилен кај жените, а друг кај мажите, вели: „Ако имаме на гости женска екипа, тие повеќе одат на вишновка, ако е машка, тогаш пијат пелинковец или жолта, но ако дојде добар познавач кој знае што работам, задолжително бара чашка ракија од дуња“.