Посни, домашни, вкусни грицки

623

Ако постојано нешто ви се грицка или пак ако ви се најават неочекувани гости кои немате со што да ги послужите, еве ви еден брз, лесен рецепт за домашни крекери кои можете да ги јадете дури и кога постите

Понекогаш е полесно да направите набрзина нешто за грицкање отколку да трчате во продавница за да купите. Така е и со овие крекери кои толку лесно и брзо се прават што навистина нема потреба да излегувате за да купите нешто за гостите кои неочекувано ви се најавиле или пак за себе, ако сакате нешто да си грицнете.

Само да знаете дека ако ги правите, попаметно ви е веднаш да направите дупла доза. Или направете една пробна, а потоа ќе видите, сами ќе заклучите дека е најпаметно да ги дуплирате состојките.

Ако и не се изедат веднаш, зашто прилично брзо заситуваат, добро е што можат да стојат и подолго време. Само ставете ги во кутија, затворете ги и ќе имате грцки за цела недела..

Од состојки ви требаат само брашно, масло, бело вино и сол. И секако, семчиња по ваш избор.

Бидејќи секогаш гледаме да направиме нешто здраво, ние веднаш го изменивме рецептот па наместо само бело брашно, ставивме пола-пола, пола бело, пола интегрално, а наместо обичен индустриски зејтин, ставивме ладно цедено масло од сончоглед.

Можете да си играте со комбинирање на различни видови на брашно и сосема да го избегнете белото, можете да комбинирате и различно масло, но секако препорачуваме да биде ладно цедено. И најмногу избор имате со семките, сусам, ким, сончоглед, лен,…

Се прават многу брзо. Подгответе ги калапчињата со кои обично ги правите празничните колачи или вадете облици со обична стаклена чаша, сеедно.

Еве го и рецептот:

Состојки:

500 г брашно

1,5 лажичка сол

2 шолјички масло

3 филџанчиња бело вино (а може и обратно, 2 шолјички вино, а 3 масло, ама според нас, оваа комбинација е подобра)

50-100 г семки, што повеќе, толку подобро. Ако ставате семки од сончоглед, од тиква или од лен, малку смелете ги за да не бидат цели парчиња кои ќе ви пречат додека ги вадите формите.

Приготвување:

Замесете тесто од наведените состојки, вклучувајчи ги и семињата кои одат во тестото, па расукајте кора со дебелина колку прст или дури и потенка, во зависност од тоа далуи сакате покрцкави крекери кои и побрзо ќе се испечат или подебелки.

Редете ги врз хартија на плехот од шпоретот и печете ги на 200 степени околу 15 минути. Проверувајте ги одвреме навреме затоа што знаат за кратко да загорат.

Кога ќе се изладат префрлете ги во кутија со капак или во стаклен сад со капак и нека ви бидат при рака.