Храна што треба да ја јадете повеќе, особено ако имате над 50 години

Фото: Unsplash
460

Овие намирници треба редовно да ги консумирате без разлика на возраста, но особено ако имате 50 години или повеќе.

На 30-годишна возраст, вашиот метаболизам почнува постепено да се забавува, што значи дека треба да бидете уште повнимателни за тоа што јадете. Немате премногу простор да внесувате празни калории преку сокови, десерти или грицки.

Внесувањето разновидни и целовити намирници е клучно за одржување на здравјето на целото тело, но некои намирници навистина прават чуда за вашето здравје. Имаат одлична хранлива вредност и се одличен извор на разни витамини и минерали кои помагаат во одржување на работата на метаболизмот. Овие намирници треба редовно да ги консумирате без разлика на возраста, но особено ако имате 50 години или повеќе. Сите се лесно достапни.

Мешунки

Истражувањата покажаа дека една порција мешунки дневно (3/4 шолја) може да помогне во регулирањето на нивото на лошиот (ЛДЛ) холестерол. Научниците открија дека мешунките можат да им помогнат на дијабетичарите подобро да го контролираат нивото на шеќер во крвта. Всушност, мешунките многу лесно се внесуваат во вашата секојдневна исхрана бидејќи можете да ги подготвите на различни начини и да ги комбинирате со речиси сите видови храна.

Овесни снегулки

Ризикот од срцев удар може драстично да се намали ако секојдневно консумирате овесни снегулки. Тие се одличен извор на растворливи влакна, а само 1,5 шолјичка овесни снегулки е сосема доволна за намалување на вкупниот и LDL холестерол за 5 до 10%. Луѓето кои секојдневно јадат овесни снегулки имаат помал ризик од ненадејна смрт. Консумирајте ги со јогурт, овошје, семки и јаткасти плодови.

Јаболка

Јаболката, во споредба со некои други видови овошје, се многу достапни. Едно големо јаболко содржи околу 5 грама влакна, а истражувањата покажаа дека едно јаболко на ден може да помогне да се постигне и одржи здрава тежина, да спречи кардиоваскуларни болести, срцеви заболувања и дијабетес тип 2.

 

Јаткасти плодови

Ако секој пат наместо грицки јадете јаткасти плодови, драстично ќе го подобрите здравјето на вашето тело. Истражувањата покажаа дека исхраната богата со јаткасти плодови може да го намали ризикот од срцев и мозочен удар. Може да го намали и ризикот од смрт од срцеви заболувања за дури 28%. Јаткастите плодови можете да ги консумирате со овесни снегулки, да ги додадете во салати, чорби и супи.

 

Зелен лиснат зеленчук

Спанаќот и кељот се само некои од примерите на зелен лиснат зеленчук кои помагаат во одржување на когнитивните функции. Луѓето кои јадат зелен лиснат зеленчук секој ден имаат исто толку добри когнитивни способности како и луѓето кои се 11 години помлади. Подготовката на зелен лиснат зеленчук не е комплицирана и треба да биде термички обработен што е можно пократко бидејќи со термичката обработка ги губи своите хранливи својства.

Зрнесто овошје

Бобинките, како што се јагодите и боровинките, се одличен извор на фитохемикалии кои помагаат во одржувањето на здравјето на мозокот. Бобинките се одличен извор на влакна и разни витамини. Свежите бобинки не се секогаш лесно достапни, но одлични се и кога се замрзнати. Можете да додадете неколку лажици бобинки во јогурт, овесна каша или смути.

Јогурт

Адекватниот внес на протеини е клучен за одржување на здрав процент од мускулната маса. Јогуртот е одличен извор на протеини и калциум. Зголемете го внесот на јогурт ако имате над 50 години. За да спречите внесување на вишок шеќер, задолжително консумирајте обичен јогурт, без дополнителни вкусови. Секогаш е подобро сами да додадете овошје или јаткасти плодови во јогуртот отколку да купувате готови овошни јогурти.