Вино, храна и џез… Дали ова ви звучи како добра комбинација?

Фото: Unsplash
428

Додека уживате во изборот на вина на Винодонија 2022, во малите вкусни залчиња од гастрономската понуда и во звуците на музиката на Георги Шарески Трио, ќе сфатите дека сте ги ангажирале сите свои сетила и дека уживате „за сите пари“.

Денес и утре (25 и 26 ноември) во хотел „Мериот“, на шестиот по ред вински салон „Винодонија 2022“, организаторите закажуваат уште една средба на винољупците и винарите.

Додека уживате во изборот на вина, во малите вкусни залчиња од гастрономската понуда на винскиот салон и во звуците на музиката на Георги Шарески Трио, ќе сфатите дека сте ги ангажирале сите свои сетила и дека уживате „за сите пари“. Знаеме дека виното е приказна, а таа приказна одлично се раскажува во прегратките на џезот и со вкусовите на малите гастрономски задоволства кои само го збогатуваат вкусот на сите тие прекрасни вина кои организаторите успеаја да ги обезбедат и за овој вински салон.

Многумина од винарите ни се веќе добро познати, но секогаш има и некои кои сѐ уште не ни ја раскажале својата приказна.

Стари и нови вински приказни

Едни од нашите соговорници во неколку наврати досега на темата вино, но и на темите: маџун, спорт и традиција, е брачната двојка Наумчеви од фамилијарната бутик винарија од Кавадарци Ѓи Ем Ен Наумчеви која создава вино со посебно внимание и љубов, почитувајќи го биодиверзитетот на Македонија и славните микролокалитети Бегниште и Фариш. Нивните висококвалитетни Траминец, Темјаника и Станушина се одамна познати меѓу винските љубители, а на Винодонија 2022 на 25-ти и 26-ти ноември во хотел Мериот, ќе ја имате можност да го пробате и премиум Вранец барик направен во строго ограничени минимални количини.

Една од поискусните семејни винарии кои се присутни и на претходните изданија на „Винодонија“, а на винскиот пазар повеќе од две децении е Винарија Ерос.  Сашко Андов е енолог и наследник на малата семејна винарија која ја почнал неговиот татко Душко Андов пред повеќе од 20 години, а неговата мисија, освен да продолжи со производство на вино, е враќањето на винската сорта Станушина во редот на квалитетни автохтони македонски сорти, како и афирмација на производите од Станушина. Таткото и синот трпеливо го градат брендот и успеаја да се пробијат високо на македонското винско небо со неколку интересни етикети како што се моќниот и неверојатен Вранец со 17,3% алкохол, хипстерската П’на месечина и розевата Ева.

Покрај овие, дел од групата тиквешки семејни винарии тука е и семејната винарија Јаковлевски која се издвои со одличниот вранец, со моќно име Македон, како и „шармантната“ Темјаника која е омилена кај винските љубители во Тиквешијата. Нежната Бјанка куве, како и елегантната Станушина, отвораат нови хоризонти за винските сладокусци.

На Винодонија ќе ги запознаете и нашите пријатели од винарија Пешков од Кавадарци кои ние ги запознавме во исто време со нивното вино – првото сертифицирано македонско органско бело вино „Фариш“, произведено со голема доза на љубов, од внимателно избрани гроздови и целосна посветеност од страна на семејството Пешкови. Виното „Фариш“ е заштитен знак на оваа мала винарија и е првото органско бело вино на македонскиот пазар.

Ѓоре Захарчев од семејната винарија Захарчев речиси 16 години работи како информатичар, ама откако знае за себе, впрочем, како и сите кавадарчани, одел на лозје и со семејството правел вино, ракија и маџун. Од 2016 година, ова домашно производство Ѓоре го кренал на професионално ниво, па неговите вина веќе им се познати на сите винољупци. Тие се една од ретките винарии во Македонија што прави вино од сортата Прокупец, омилена во регионот, Розе од автохтоната македонска Станушина, но и карактеристично раскошна Темјаника со која ги освои непцата на многу вински љубители.

На Винодонија 2022 од Гевгелија ни доаѓа малата фамилијарна Јостела формирана во 2005 година од Јован Гелебешев, доајенот на македонското винарство и еден од првата генерација на школувани македонски енолози. Од 2018 година винаријата ја презема неговата ќерка Венера и внукот кој е исто така енолог. Таа како втора генерација и нејзиниот син како трета, ја продолжуваат работата на нејзиниот татко со голема љубов и посветеност. Правејќи вино од сопствени лозови насади автентично го пресликуваат јужниот вински идентитет на гевгелиското виногорје со богата палета на етикети на Мерло, Жилавка и уникатното розе од Каберне франк.

На Винодонија ќе ја слушнете и приказната на Орданчо Иванов, онаа истата која веќе ни ја раскажа и нам. Тој, како и повеќето кавадарчани, тргнал по стапките на неговите татко и дедо кои правеле вино за свои потреби, па и самиот веќе 20 години се занимава со винарство кое го унапредил и го поставил на едно повисоко ниво или како што вели тој, самиот интерес и желбата да го унапреди стилот на дедо му Методија и татко му Петар го втурнале во една убава авантура. Орданчо располага со сопствени лозја кои се наоѓаат во атарот на селото Сопот, во околината на Кавадарци, а има во план да започне со органско производство, а истото во иднина да го унапреди и во биодинамично производство. Од изборот на неколку сорти во портфолиото, обратете внимание на нивната Темјаника и автохтоната македонска сорта Станушина.

Тука е и малата семејна винарија Сарика, прва регистрирана семејна винарија во Прилеп, чии вина веќе ги освоија деликатните непца на најголемите љубители на вино кај нас. Сопственик на винаријата е Гоце Станоески, по професија воено лице, вработен во АРМ, кој од она што било семејна традиција долга 80 години, решил да изгради квалитетен бренд кој ќе стане препознатлив по производство на квалитетно вино за домашниот пазар, а понатаму и за пазарите надвор од Македонија каде би ја претставувале Македонија и Прилеп како региони во кои се произведува и ужива квалитетно вино. Винаријата „Сарика“ е прва винарија од ваков тип, а нејзиниот сопственик, со оглед на својот војнички бекграунд, вредно и војнички дисциплинирано работи и се стреми кон висок квалитет на нивните вина не штедејќи ја својата енергија.

Од бреговите на Велешкото езеро ни доаѓа новата семејна винарија со стара историја Олд скул  нејзиниот сопственик Ангелче Гајдов, инаку, син на еден од доајените на македонското винарство Тодор Гајдов. Сопствените лозја, креативните етикети и смелиот избор на сорти во нивното портфолио покажуваат дека сериозно се посветени на висококвалитетни вина и желба за освојување место на македoнското вино небо. Дегустирајте ги нивните Ризлинг и Шардоне на Винодонија 2022.

Бутик винаријата „Бади“ чија приказна сѐ уште не сме ја слушнале, е сместена во Кавадарци – во срцето на Тиквешкиот вински регион. Со капацитет од 10.000 литри, Бади произведува црвено, розе и бело вино, ракија и вињак, маџун и производи од грозје со висок квалитет. Пред винската публика своја премиера ќе има и винскиот „квартет“ од Виница, предводен од Венцо Вуинов, новоформираната винарија Виника, која својот фокус го става исклучиво на производство на органски вина.

За првпат на Винодонија се и винаријата „Марков“ чии лозови насади се во село Горни Дисан, Неготино, како и малата семејна винарија „Томино“ која на Винодонија 2022 доаѓа со кумановски „зачинети“ нијанси на Каберне совињон, како и со рубин нијансите на овошниот вкус на Мерлот. За првпат на скопскиот вински салон доаѓа и малата семејна винарија Максимилијан од неготинскиот тероар на село Пепелиште. Тука е и семејната винарија на Гоце и Весна Попови од тиквешкиот регион, но и многу добро познатите стари вински волци како винарија Попов, една од најстарите фамилијарни винарии кај нас, со постојан одличен квалитет и многу меѓународни медали за своите вина. Потоа винаријата Шато Сопот која ги поседува едни од најатрактивните лозја на Балканот. Уште едно звучно име на Винодонија е и винаријата Сковин со сопствените плантажи кои се протегаат низ благите ридести падини во околината на Скопје, потоа винаријата „Лазар“, водена од искусниот харизматичен винар Лазе Ристов кој одамна ги освои срцата и непцата на винските љубители во Македонија.

Еден од најстарите и најпопуларните вински брендови во Македонија и основач на категоријата врвни вина, винаријата Бовин е спој од традиција, тероар и квалитет. Винаријата „Венец“, лоцирана во едно од најпознатите вински села во Македонија, Долни Дисан, е позната ѕвезда на нашето винско небо со нивната посветеност за производство на квалитетно вино, со секогаш приспособена и прифатлива цена.

Малата бутик винарија со премиум квалитет „Брзанов“ одамна веќе е светилиште за врвно вино редовно посетувано од голем број пасионирани винољупци. Тука е и винаријата „Стоби“ која го најде патот до срцата на страстните винопијци во земјава и низ цел свет, а се разбира и најголемата винарија во регионот и најпознатиот вински бренд кај нас винарија „Тиквеш“, па винариите „Имако“, „Камник“, како и повеќе вински етикети од странство.

Од соседна Србија на Винодонија доаѓа Подрум Певац, балканскиот симбол на зачувување на традицијата и имплементација на најсовремена технологија, што резултира во префинети вкусови на ракии со врвен квалитет, но и нашиот одличен „Плетварски“, на енологот Лазар Плетварски кој ја продолжува семејната традиција, а особено е горд на својата тригодишна ракија, која е одлежана во буриња, поголем дел од македонски и неколку од француски даб, како и на своите врвни овошни ракии.

Од Gorna Radgona во Словенија доаѓа винаријата Radgonske gorice која е специјализирана исклучиво за квалитетни пенливи вина, а интернационалната фирма „Еуролаб“, ексклузивно во Македонија претставува неколку реномирани италијански винарии од различни региони.

Реномираната италијанска винарија Fantinel ќе го претставува познатиот регион за пенливи и бели вина Фриули Венеција Џулија. Од Словенија доаѓа фамилијарната винарија Пуклавец, повеќе пати прогласувана за „винарија на годината“ во Словенија.

Мали солени, слатки и солено-слатки залчиња и деликатеси

Во гастрономското катче ќе бидат добро познатите деликатеси на младиот Давид Неделковски кој е сега мега популарен благодарение на својата фарма „Кози, млеко, планина“, позната меѓу сладокусците по своите вкусни производи од козјо млеко, кој постојано изненадува со разни, како што ги нарекува самиот – раштавски млечни експерименти. На „Винодонија“ ќе биде и Валентина Митрова која, додека готвачите уште не можат да се усогласат дали е тартуфот намирница или зачин, со нив прави вистински деликатеси: сол со тартуфи, масло со тартуфи, намази со тартуфи, па дури и слатко од лути пиперчиња и тартуфи. Го користи тартуфот наместо „вегета“, односно, како зачин за сѐ, па дури пие и чај од сув тартуф и тука ќе ги донесе сите свои деликатеси кои ги спомнавме, а веројатно и некои кои заборавивме да ги спомнеме.

Тука ќе бидат и производите на „Моја бавча“, од Александра Лозановска, домашен ајвар, лутеница, доматно пире, разни макала, домашни сокови и слатка, секогаш спакувани „тип-топ“ и вкусни, како домашни! Всушност, да, тие се домашни и тоа најдомашни што може да биде, почнувајќи од семето па сѐ до крајниот производ спакуван во тегла.

А бидејќи македонските вина одлично одат и со сланина, како и со добра, вкусна печеница, врат, пршут, чадени колбаси, ќе имаме шанса да ги пробаме сувомеснатите производи од „Гаврилоски“. Дамјан и Билјана Гаврилоски практикуваат традиционален начин на производство и во своите производи не употребуваат никакви адитиви и додатоци.

Фото: Freepik

На Винодонија ќе можете да се засладите и со најдобриот мармалад од шипка, на госпоѓа Мирјана и господин Бранко Ангелески кои таман ја направија својата нова реколта, во октомври, кога е сезоната на шипки, убави и чисти шипки набрани од Бабуна, а „спакувани“ во мармалад, во нивниот „вилает“ во село Слепче, во подножјето на оваа планина.

Дел од гастрономската понуда ќе бидат и производите од тартуфи на Саша Стојчески, чија приказна почнала како и секоја друга транзициска македонска приказна. Саша работел во фирма за трговија која со приватизацијата се затворила, а потоа почнала приказната со тартуфите.

Семејството Перески од струшкото село Ложани, ќе ги донесат своите производи од лешници, чипс и масло од лешници кои тие во својот дом ги консумираат постојано и на најразлични начини. Превкусни се, а одлични се и за здравјето.

Акин Сезер, родум од турскиот град Ајдин, женет со Лејла, Турчинка од Охрид, произведува органски зеленчуци од турски семиња и македонски специјалитети со необични додатоци. На Винодонија ќе можеме да ги пробаме неговите вкусни производи, како на пример, макало со артичока, ајвар, џем од домати и други прекраснотии.

А помеѓу винската дегустација пауза и реактивација ќе правиме со премиум кафе брендот illy и звуците на џезот.