На слатко од смокви и музика од џубокс и грамофонски плочи

1.317

Сите гости кои доаѓаат во кафетеријата на Виолета и Оливер Цепенковски, која е и еден вид на музеј во кој се изложени предмети кои тие ги наследиле од своите претци, се пречекуваат со домашно слатко од зелени смокви како дел од охридската традиција и со домашен ликер.

Виолета и Оливер Цепенковски се брачна двојка од Охрид, ама со нив не се запознавме во Охрид, туку во Скопје, додека ја поставуваа својата трпеза за време на конференцијата „Хероини во туризмот“.

Како да не застанете покрај таква трпеза која иако импровизирана, веднаш го привлече моето внимание со  убавиот старински сервис од порцелан, сребрениот прибор, ама и со слаткото од смокви, разнобојните ликери, ѓезве и филџани за кафе кои потсетуваат на оние од времето на нашите баби.

Ми објаснија дека тие се сопствениците на „Форт кафе“, лоцирано пред самиот влез на охридската тврдина. Оваа кафетерија постои десет години, а како што велат, се почнало сосема случајно и скромно, како мало место за пауза на туристите кои организирано или индивидуално го посетуваат тој дел на градот.

„На почеток наши гости во најголем дел беа странските туристи кои сакаа да уживаат во погледот, мирот и спокојот што ги има местото, делумно и заради самата локација која дава прекрасен поглед кон езерото од едната страна и мистичен момент со погледот кон тврдината од другата страна, но делумно и заради ентериерот кој ги враќа како времеплов назад низ времето.

Форт ја раскажува градската приказна на Охрид, времето на нашите предци и нивниот начин на живот“, ја започнува приказната за ова навистина посебно место нашата соговорничка Виолета.

На нивно заедничко задоволство приказната за Форт се ширела од уста на уста помеѓу посетителите кои им го препорачувале на свои пријатели, како и помеѓу туристичките работници и агенции кои почнале да го ставаат во своите агенди како место за пауза и можност на туристите да  им покажат и да им раскажат една поинаква и уникатна приказна за Охрид.

Имено, внатрешниот дел од кафетеријата е уреден со мебел од педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години, во стил на градска охридска куќа. Во витрините се изложени предмети кои тие ги наследиле од своите претци, како колекции на рачни часовници, фото апарати, сервиси за послужување од кристал и порцелан … Оливер е колекционер на грамофонски плочи и целата негова колекција е сега во Форт заедно со старите грамофони од кои само еден е во функција па гостите имаат можност да си одберат плоча и да ја пуштат на грамофонот.

Во кафетеријата најчесто се слуша смут џез, но и омилената плоча на Оливер „Greatest Hits“ од Бери Вајт. Најстарата плоча пак во неговата колекција е онаа од Сан Ремо 1964-та.

Освен плочите и грамофоните, во кафетеријата има и два џубокси кои, како што велат, особено ги воодушевуваат гостите од постарите генерации, но предизвикуваат љубопитност и кај младите кои претходно немале можност да видат како тие изгледаат и како функционираат.

Виолета е магистер по осигурување и работи во Институт за филм – филмска академија Охрид, па во кафетеријата е, како што вели, „заднински играч“, за разлика од Оливер кој ѝ е целосно предаден. Всушност, Оливер е и „виновникот“ за целата приказна, идеен творец, основач и водач на работата, а Виолета е тука за да помогне, да додаде идеја плус и користејќи ја женската креативност и трпеливост да придонесе за заокружување на целата приказна, заедно со дел од нивниот персонал кој е со нив од самото отворање.

Виолета и Оливер се во брак веќе 15 години и имаат 12-годишна ќерка која во текот на летниот распуст сака да помага и на нивно задоволство секогаш има по некоја идеја која може да се вклопи во целата приказна.

Слаткото со кое го пречекуваат секој што ќе стапне во кафетеријата е направено од локални произведувачи и произведувачи од цела Македонија, како и ликерите. Токму на конференцијата тие направиле и договор со здружението на крушевските жени да прават за нив најразлични ликери.

„Надворешниот дел од кафетеријата се отворени тераси со многу цвеќиња и зеленило кои се вистинско место за уживање во топлите летни денови, надвор од градската гужва, а самиот локал е спој на традицијата и модерното. Сакаме да кажеме дека кај нас со многу љубов ги чуваме старите спомени и се трудиме да создадеме нови и незаборавни за нашите посетители.

За помала група на луѓе по претходна најава организираме охридска трпеза, за која локални готвачки спремаат охридски традиционални јадења кои ги послужуваме во порцелански  сервис, кристални чаши и сребрен прибор кои се постари од 60 години, а кои сме ги наследиле од нашите баби и мајки.

Предметите кои можат да се најдат во Форт се лично наши, не откупуваме и не собираме предмети и мебел, но интересен момент е што луѓето кои доаѓаат сакаат да донесат свои предмети кои не им се во употреба дома, а не сакаат да ги фрлат. На пример, имаме две стари машини за шиење кои две госпоѓи од Охрид ни ги подарија и знаат често да дојдат да испијат кафе и „да ги видат“.

Со оглед на тоа што до пред короната Форт работеше во најголем дел со странски туристи и гости, со самото затворање на границите мораше брзо да реагираме, па така успеавме да ги привлечеме и нашите домашни туристи, но и самите охриѓани.

Сега Форт има свои редовни домашни гости кои кај нас се чувствуваат како дома. Доаѓаат како гости си заминуваат како пријатели, раскажуваат тие“.

Во духот на зачувување на традицијата тие во зимските месеци организираат настан „Да ми дојдиш на визита“.

„Настанот е за максимум 25 луѓе, во недела попладне, со староградска акустична музика и храна која традиционално се послужува на охридските визити“, објаснуваат нашите соговорници.

Тие организираат и вински презентации, изложби и секаков вид културни настани, а пред стартот на новата сезона, очекуваат Охрид повторно да заживее со сиот свој сјај, зошто навистина има што да понуди и да им раскаже на гостите.