Каде е Раштак, на крај од светот ли е? Да, таму е, каде што имате најубава природа, поглед на градот и козјо сирење во луди комбинации

6.193

Иако веќе нема кој не слушнал за скопјаните во Раштак кои чуваат кози и прават вкусно и здраво козјо сирење, таму секогаш има нешто ново што дополнително ќе ви го разубави денот. На пример, што велите за младо козјо сирење, мед, тартуф, шафран и ладна Станушина?

Минатиов викенд, токму на Ѓурѓовден, а воочи денот на Станушината (7 мај), со гостинките од Лондон, Спасиа Динковски и фотографката Кејтлин Каприо тргнавме кон село Раштак кое веќе стана асоцијација за фармата на семејството Неделковски, позната како „Кози, млеко, планина“.

Е сега, бидејќи ниту една од нас не вози, мораше да викнеме такси, а таксистот – како да паднал од Марс.

„Раштак?! Ајдеее, кај е ова бе, на крај од светот ли е?!“- негодуваше тој низ полуспуштената маска, остаток од периодот на пандемијата со корона кога сите се шетавме со исти такви, а сега, за среќа, ги носат само ретки „ѕверки“ од непознати причини. Мислам, онака лабаво, далеку под носот, делумно преку устата, колку да им го отежне дишењето преку уста.

Со таков таксист кој нема поим каде е и како се стасува во Раштак, не можевме да се потпреме на него, но ниту навигацијата не се покажа во најдобро светло, па ги следевме инструкциите на Зоран Неделковски, чија најпозната титула е онаа дека му е татко на Давид. Секако, одборот за дочек (Снежана, Зоки, Давид и брливиот Џек расел – Стела) беа на чардакот и веќе ја подготвуваа корпата за нашата фото-сесија за книгата за македонската кујна која ја подготвува Спасиа за лондонска издавачка куќа. Се разбира, фото-сесијата потоа прерасна во убава ѓурѓовденска дружба и увертира за денот на нашата автохтона сорта на грозје – Станушина, а нашиот домаќин Давид ни ја распосла ливадата, ни го спростре најубавиот поглед од Скопска Црна Гора, ни го послужи најубавото козјо сирење, го спои со најлудите комбинации, слатко од дуњи и пелте на Филип Димкоски со свежо младо сирење и млада и усовршена „Калеш Мара“, крем сирење со сол, маслиново масло и свежи ливчиња од мајчина душица од дворот-ливада и ни ја наточи најубавата станушина на Zaharchev Family Winery/Семејна Винарија Захарчев.

Таман толку колку да се прашаме: „Со што ја заслуживме оваа убавина?!“

И некаде пред крајот, со второто шише Станушина, следуваше и последната комбинација на денот, онаа од младо сирење и мед, тартуф и шафран, експлозивни вкусови кои не вивнаа и отаде Скопска Црна Гора, а вкусовите ни останаа во уста дури и кога од Раштак се дотркалавме до Скопје, довозени од некој малку понашетан и немаскиран таксист, двојно побрзо од одењето натаму и покрај сообраќајната гужва сретсело (види слика).

Како и да е, Раштак е дефинитивно едно од местата кадешто ќе заборавите дека сте на само 11 километри од Скопје и каде што ќе се чувствувате како да сте на некој небесен балкон од кој се гледа се, само не и она што и онака не сакате да го видите – не се гледаат грдотиите на градот, само зеленило, сонце и планински масиви со се уште снежни врвови.