Додека сѐ мириса на липа: Наберете си липов цвет за домашната билна аптека

Фото: Unsplash
163

Сега, додека градот сѐ уште мириса на липи, да се потсетиме на главните придобивки од липовиот чај. Одличен е за смирување и за добар сон, а добар е и против болести на дишните органи, замор и за прочистување на крвта. Цветот на липата треба да се бере заедно со ливчето што ги држи сите цветови заедно. За аромата да не зборуваме, таа ни е добро позната на сите, дури и на оние кои не пијат чај.

Порано во Скопје се береа чаеви. Како деца собиравме камилица главно од школскиот двор, а липов цвет беревме кога потпораснавме, па одевме во парк и на кеј и не се враќавме без барем малку липови цветови со кои ги полневме торбите сошиени од стари износени фармерки.

Мајка ми секогаш прашуваше да не е липата од Партизанска, зашто ако е, значи дека е загадена од издувните гасови на автомобилите и не е добра за чај. Затоа не беревме од Партизанска. Од таму можеше да скинеме по некое ливче за да си сплетеме венчиња за коса, ама за чај, ни под разно.

Сега, додека градот сѐ уште мириса на липи, да се потсетиме на главните придобивки од липовиот чај. Одличен е за смирување и за добар сон, а добар е и против болести на дишните органи, замор и за прочистување на крвта. Цветот на липата треба да се бере заедно со ливчето што ги држи сите цветови заедно. За аромата да не зборуваме, таа ни е добро позната на сите, дури и на оние кои не пијат чај.

Препознатливиот мирис на липа доаѓа од есенцијалното масло, кое делува смирувачки. Покрај него, ова растение содржи и танини, растителна слуз и хетерозид од непознато потекло. Цветот се собира заедно со белата петелка која содржи фенолни соединенија и флороглуцинол, состојки за кои португалските научници откриле дека ги ублажуваат грчевите на мазните мускули.
Покрај бозелот, липата е најценетиот народен лек за намалување на температурата, против настинки и грип. Двете растенија го поттикнуваат потењето. Чајот се пие топол и по желба се засладува со мед (липата е медоносно растение и нејзиниот мед е многу вкусен). Благодарение на содржината на танини и слуз, тој е и добар лек против дијареа, особено ако се работи за деца.

На југот на Франција, липата во комбинација со лаванда и маточина се користи како лек против несоница, а помешана со нане, ајдучка трева и имела се користи за ублажување на нападите на мигрена.

Научните истражувања потврдија дека чајот од цвет од липа им помага на оние со благи проблеми со мочниот меур, вознемирен стомак или диспепсија (лошо варење), како и гастрокардијален синдром (прекумерниот гас предизвикува желудникот да го притиска долниот дел од срцето).

Топлиот чај од липа му помага на имунолошкиот систем да се бори против инфекциите. Исто така, ја поттикнува циркулацијата, го помага варењето, ефикасен е за исфрлање на слуз, ги ублажува менструалните болки и го подобрува апетитот. Бројни студии покажаа дека помага и при болки во стомакот предизвикани од гасови.

Ако попарите 100 гр цветови од липа со литар врела вода, оставете покриено три часа, процедете и ќе добиете добар хербален лек за изгореници. Направете облоги и ставете ги на повреденото место.

Липата го стимулира лачењето и исфрлањето на жолч, па затоа е вклучена во чаевите за растворање на камења во жолчката сама или во комбинација со корен од глуварче, рус и цикорија. Чајот од липа делува како диуретик и го поттикнува потењето, па затоа се препорачува во третманите за детоксикација. Ако се користи подолго време и континуирано, растението може да влијае на срцевиот ритам, па затоа не се препорачува за срцеви болни.

Рецепти
Чај против камења во жолчното кесе

Ви требаат:

50 гр липа (Tilia cordata)

50 гр корен од глуварче (Taraxacum officinale)

50 g кантарион (Hypericum perforatum)

50 гр пченкарна свила (Zea majus)

Приготвување: Измешајте ги сите билки, прелијте една лажица од смесата со шолја врела вода, промешајте, поклопете и оставете да отстои половина час. Процедете и пијте го незасладен пред јадење, три шолји дневно.

Мешавина од чај против настинки

Ви требаат:

50 гр липа (Tilia cordata)

20 гр мајчина душица (Thymus serpyllum)

30 гр бозел (Sambucus nigra)

Приготвување: Измешајте ги сите билки, а потоа прелијте една лажица од смесата со шолја врела вода. Промешајте, покријте и оставете да отстои 10 минути. Процедете, по желба засладете со мед и пијте топло. Дневно се пијат две до три шолји чај.

Чај за намалување на температурата

Ви требаат:

50 гр липа (Tilia cordata)

30 гр бозел (Sambucus nigra)

20 г црвен кантарион (Erythraea centaurium)

Приготвување: Измешајте ги сите билки, а потоа прелијте една лажица од смесата со шолја врела вода. Промешајте, покријте и оставете да отстои 15 минути. Процедете и пијте топло. Дневно се пијат две до три шолји чај. Чајот има исклучително горчлив вкус поради кантарионот.

За мирен сон

Ви требаат:

50 гр липа (Tilia cordata)

50 гр лаванда (Lavandula officinalis)

50 гр мелиса (Melissa officinalis)

Приготвување: Измешајте ги сите билки и една лажица од смесата прелијте ја со 300 мл зовриена вода. Промешајте, покријте и оставете да отстои половина час. Процедете и пијте пред спиење.