Јас, Давид! Срамежливото момче од Раштак им ја сервираше Калеш Мара на Италијанците

1.611

„Кој би рекол дека козите, млекото и  планината ќе ме доведат до тука, дека некој ја забележува мојата активност и трага“, со својата препознатлива искреност и скромност го искоментирал Давид Неделковски својот голем успех на фестивалот „Cheese“ во Бра, Италија, наградата „Resistenza Casearia“

Пред пет години, кога првпат го запознавме Давид Неделковски и му го направивме, веројатно, неговото прво интервју за медиум, тој беше срамежливо 28-годишно момче кое токму така, срамежливо, ни ја прераскажа неговата приказна за преселбата на семејството Неделковски од Скопје во село Раштак на Скопска Црна Гора и мотивите да се сврти една сосема нова страница во животот. Сега, Давид и семејната фарма „Кози, млеко, планина“, се веќе препознатлив бренд, а срамежливото момче од година во година зрееше паралелно со сирењето што го произведува заедно со своите родители на семејниот имот во Раштак.

Овој наш млад фармер со кој, освен за неговата работа, козарството и правењето сирење, може со часови да се зборува и за неговите стари и вечни љубови, археологијата и музиката, годинава, со своите вкусни и чесно произведени сирења, особено неговата најголема гордост, Калеш Мара, ја освои и Италија.

На фестивалот „Cheese“ во Бра, Италија, Давид ја освои наградата „Resistenza Casearia“, што во превод би значело отпор при производството на млечни производи, престижно признание што инспирира, наградата им се доделува само на најупорните, најдоследните и најтрадиционалните во производство на сирење, оние кои се во духот на слоу фуд филозофијата за добра, чиста и правична храна. Имено, станува збор за луѓе-ентузијасти, кои наместо да му се препуштат на духот на ова време на брзо живеење и конзумеризам, се обидуваат да ја зачуваат традицијата продолжувајќи, во случајот на „Кози, млеко, планина“, да произведуваат сирења со почит кон животната средина, животните и традиционалното наследство на вкусови.

„Кој би рекол дека козите, млекото и  планината ќе ме доведат до тука, дека некој ја забележува мојата активност и трага“, со својата препознатлива искреност и скромност го искоментирал Давид својот голем успех таму, во Бра, Италија, земјата која со своите сирења длабоко го задолжи гурманскиот свет.

„Константната работа ми ја оддржува скромноста, козите – истрајноста, нивната благосостојба е огледало на мојот успех и посветеност, планината, чекорењето по ливадите и дабовите шуми – мудроста и трпението, предизвиците ми го негуваат отпорот, млекото и сирењето се плодови на трудот, со нив си ги насладувам и телото и духот, Раштак ми дари аманет и тежина, семејството љубов и верба,  а небото надеж. Чувствувам експлозија од емоции и спомени, измешано од сите години наназад, надживеани искушенија, вриштам во себе… Деновиве тегнев сточна храна до фармата за да им биде при рака на моите додека ме нема, на потта ми се лепеше прашината, а погледни ме сега во Бра, на најголемиот фестивал за сирење на планетава, јас, од село Раштак од некогашната Скопска Света Гора…“, продолжил Давид со својот коментар по добивањето на признанието додавајќи: „Верувам во чуда, а не во случајности, се трудам да ги читам знаците што ми ги носат деновите, а ова што сега го доживувам е потврда за патот по кој ќе продолжам да чекорам за да ги преземам акциите кои ми жарат во главата, што ми ја зовриваат крвта и оптегнуваат жилите, бидејќи знам што ќе правам за следните 20 години, и во која насока тежнеам.“

Заслугите за својот успех Давид ги споделува со екипата на Слоу Фуд Македонија, во која, освен „Кози, млеко, планина“ со своите козји деликатеси, беа и Спасе Чакревски, производител на биеното сирење од Мариово, Даниел Мирчески, производител на козјо сирење од прилепскиот регион и Арбана Маркоска од Прилеп, производител на овчо сирење.