Светски ден на пицата: Направете го најдоброто тесто

Фото: Pexels
3.107

Светски ден на пицата е 9.февруари и е посветен на најпознатиот италијански специјалитет. Токму во чест на денот, одбравме и еден едноставен рецепт за тесто за пица кој можете да го направите дома

Денеска, 9 февруари, е Светски ден на пицата. Ова тенко тесто наредено со најразлични состојки е можеби најпопуларно јадење во светот, поради евтините и лесно достапни основни состојки и едноставноста за неговото правење.
Кога е создадена пицата, тешко е да се прецизира.

За историјата на пицата се предат многу приказни, особено откако археолозите открија дека можна „далечна роднина“ на пицата е откриена на ѕидините на Помпеја, античкиот римски град во близина на Неапол кој бил уништен од вулкан, пред 2000 години, долго пред доматите и моцарелата да станат основни додатоци во италијанската кујна.  Некои истражувачи го идентификуваат италијанскиот национален специјалитет со античките грчки пити кои  Грците ги нарекувале “плакунтос” и ги јаделе со едноставни додатоци, како што се: маслиново масло, лук, кромид и други билки. Доматите, кои денес се основа за речиси секој вид пица, во тоа време сè уште не биле откриени. Дури во 16 век тие пристигнале во Европа од Америка, а потоа со помош на овој зеленчук била создадена пица слична на онаа што ја знаеме денес.

Во 18 век ова тесто со домати пристигнало во Италија, поточно во Неапол и почнала да се произведува и продава на улиците и плоштадите. Конечно наречена „пица“. Тоа била многу едноставна пица која повеќе личела на леб и многу брзо се здобила со популарност кај сиромашното население на Неапол бидејќи била вкусна и евтина.

Токму оттаму е и најпознатата приказна за пицата која потекнува од 1889 година, кога италијанскиот крал Умберто и кралицата Маргарита слушнале за пицата и посакале да ја пробаат. Тие го викнале познатиот мајстор Рафаеле Еспосито да направи пица за нив. Тој одлучил да направи пица во боите на италијанското знаме, со црвени домати, бела моцарела и листови од зелен босилек. На кралицата многу ѝ се допаднала пицата, која во нејзина чест била наречена “маргарита“.

За популарноста на пицата во денешниот облик најзаслужни се италијанските емигранти кон крајот на 19 век кои ја донеле во САД. Во 1905 година била отворена првата пицерија во Њујорк, сопственост на Џенаро Ломбарди. До 1940-тите години, потрошувачката на пица била ограничена претежно на италијанските емигранти и нивните потомци, но нејзината популарност експлодирала кога американските војници се вратиле до Италија по Втората светска војна.

Како и да е, денес сите уживаме во овој вкусен специјалитет, а имаме и одличен рецепт кој можете да го направите уште денес во чест на денот на пицата.

Рецепт:

Состојки:

500 г брашно

лажичка сол

лажичка шеќер

5 г сув квасец

0,3 дцл млеко

2,3 дцл вода

0,3 дцл маслиново масло

Приготвување:

Во сад ставете 500 грама брашно. Додадете сол, една лажичка шеќер и пет грама сув квасец.

Истурете 0,3 децилитри млеко, 2,3 децилитри вода и 0,3 децилитри маслиново масло. Измешајте ги сите состојки додека не направите тесто, а потоа продолжете да го месите.

Мазната површина на која го замесувате тестото задолжително посипете ја со брашно.

Кога ќе го замесите тестото, вратете го во садот, покријте го со крпа и оставете го да одмори околу час, час и половина. Потоа развлечете го тестото до саканата дебелина, додадете ги омилените состојки и испечете.