Штикли, топуци или балетанки, сеедно, само виното е задолжително! Седмо издание на „Вино на штикли“

Фото: Приватна архива (Вино на штикли)
260

Кога чевлите стегаат, божјиот напиток олеснува. „Вино на штикли е настан на кој штиклата е избор, само виното е задолжително“, вели идејниот творец на овој веќе традиционален летен салон на виното, Дејан Донев.

Идејниот творец на „Вино на штикли“, веќе добро позната манифестација за чие име, освен некои слични називи на настани во регионот (како оној „Бизнис на штикли“ во соседна Србија), Дејан Донев, се инспирирал токму од оваа комбинација која е фатална за повеќето мажи.

Епа признајте, има ли нешто пофасцинантно од жена на штикли со елегантна чаша вино во раката која стручно го опишува она што го вкусува онака внимателно, како што го прават тоа само вистинските зналци.

Инаку, овој летен салон на виното кој годинава ќе се одржува по седми пат, секоја година внесува некои новитети и секоја година има по некое изненадување.

Сепак, се чини дека годинава изненадувањето е најсоодветно за една ваква манифестација која од минатата година се одржува и на нова локација, со прекрасен поглед од Ragusa 360 Rooftop.

Станува збор за тоа што, годинава, на „Вино на штикли“, меѓудругите, за првпат ќе можеме да ги пробаме вината на винаријата „100 Жени“ од Веле Поље, околината на Ниш, Србија.

Да, да, винаријата се вика „100 Жени“!

И не дека се тие единствените винарки, туку се единствена винарија, која е задруга од 20 жени (значи сепак не се 100, ама се само жени), а интересно е и тоа што една од нив се презива токму – Штиклица.

Што се однесува до името на нивната винарија, велат дека на прашањето дали се навистина 100 жени, одговараат со оној препознатлив српски хумор: „Па, сè уште не, но… блиску сме. И амбициозни сме. Освен тоа, 99 веќе ги зеде Нена (германската пејачка позната под ова име и истоимената група, стекнаа светска слава благодарение на хитот ’99 Luftballons’), 101 отиде кај Далматинците, и така натаму… Лесно можам да замислам прашање како ова на некој иден тест за општо знаење: Колку жени има во називот на нашата позната лозарска задруга од јужна Србија?“

Епа токму вината на оваа винарија се она што едвај чекаме да го дегустираме, од нивниот „Велики дечко“ (Куве), па „Млад момак“ (Мерло), па до Мсје Мерло и Мадам Мерлете.

Такашто, веќе можеме да си замислиме како ќе изгледа на 19 јуни на Ragusa 360 Rooftop: Музика, елеганција, гламур… и атмосфера што се памети со уште неколку интересни моменти како што се танго танчери, одличен џез секстет составен од наши етаблирани музичари, но и избор на пет најдобри штикли во комбинација со целосен аутфит и натпревар за најдобра фотографија на истата тема: вино и штикли!

Ќе има и гастро катче, за уживањето во секоја голтка вино да биде извонредно надополнето со соодветно залче од некој деликатес.

„Вино на штикли“ не е само настан од салонски карактер, туку е настан кој го слави растот и развојот на винската култура во Македонија.

Секоја година, ова летно винско случување привлекува сè повеќе љубители на префинети вкусови, кои со нетрпение очекуваат да откријат нови ароми и уникатни приказни на најдобрите домашни винарии, но и на гостите од странство.

На „Вино на штикли“ не се ужива само во виното, туку и во разговорите и миговите исполнети со добра музика и пристојни луѓе.

„Ова не е вечер посветена само на дамите – тука се добредојдени и џентлмени кои знаат да уживаат во комплексноста на доброто вино, да препознаат структура, да разберат буке и да уживаат во вкусот низ секоја голтка. Не ви требаат потпетици, доволно е да донесете љубопитност, префинет вкус и респект кон уметноста која лежи зад секоја винска етикета“, порачуваат организаторите.

„Вино на штикли 2025“ ќе се одржи во Ragusa 360 Rooftop, Скопје, на 19.06.2025, со почеток во 19 часот. Влезницата чини 1.200 денари и овозможува неограничена дегустација на над 200 вина од 30 македонски и странски винарии.

За оние што ќе се одлучат во последен момент, влезници ќе бидат достапни и на самиот настан по цена од 1.500 денари.