Црвените мали ротквици и нивните листови се една од најздравите и најевтини намирници

Фото: Pexels
365

Ги имаме во изобилие на пазарите а една китка чини околу 15-20 денари. Има ли нешто поевтино, а толку едноставно и здраво за јадење? Освен тоа, имаме идеја и како да ги искористите листовите

Ротквиците се еден од најхранливите видови на коренест зеленчук. Му припаѓаат на семејството на зелјести растенија, а во кинеската култура, заедно со зелката и со тофуто се сметаат за многу здрава и хранлива намирница. Веројатно оттука и познатата кинеска поговорка која вели: „Ако јадете ротквици и пиете топол чај, ќе ги оставите докторите гладни да просат на колена“…

За нивниот остар, по малку лут вкус се одговорни соединенијата од групата изотиоцијанати, а тој вкус може да варира од благ до изразито лут. Освен коренот, во кулинарството можат да се подготват и младите листови од ротквиците кои често се користат во салати, супи или пак се варат како и останатите зеленчуци од тој тип.

Ако и вам ви е жал секогаш кога ги фрлате листовите од ротквиците, еве еден предлог како можете да ги искористите и да направите вкусна крем супа.

Инаку, листовите од ротквица се исто толку вкусни и хранливи како и самите плодови, богати се со железо, па затоа се добри ако имате проблеми со анемија.

Рецепт за супа од листови од ротквици

Состојки:

2 китки лисја од ротквица
2-3 големи компири
1 мал црвен кромид

2 шолји вода
маслиново масло
100 мл крем за готвење
сол и црн пипер

Приготвување:

Издинстајте го кромидот во маслиново масло, а потоа додадете ги измиените и исечени лисја од ротквица и сол. Динстајте додека не овенат, па додадете ги компирите исечени на коцки и две шолји вода. Гответе додека компирот не омекне. Измешајте сè со миксер и додадете го кремот за готвење и црн пипер.
На крај, украсете со свеж копар, магдонос или со тркалца од ротквица.