За што помалку отпад од храна, постојано изнаоѓаме начини како да ги користиме целите плодови. Овојпат, за тоа како можете да го искористите целиот плод од тиквицата. Згответе го, испечете го или скиселите го делот што вообичаено би го фрлиле
Сè уште уживаме во сезоната на зеленчук и готвиме пиперки, домати и тиквички на илјада и еден начин, па особено се радуваме кога ќе наидеме на трик што уште повеќе го олеснува подготвувањето на нашите омилени зеленчуци. Така и деновиве, барајќи на интернет некој добар, нов и поинаков рецепт, на порталот Bon Appetit наидовме на одлични совети како да ги искористиме дури и врвовите од тиквичките, кои инаку би ги фрлиле.
Имено, кога подготвувате тиквички за панирање, пржење или готвите најкремаст сос за тестенини, веруваме дека, исто како и ние, прво ги миете тиквичките, а потоа ги отсекувате врвовите. Но, тимот на Bon Appetit вели дека врвовите што секогаш ги фрламе се исклучително вкусни и можат да се користат во цела палета на јадења, исто како и остатокот од тиквицата. Колку е посвежа тиквицата, толку ќе биде повкусен и врвот на плодот.
И што можете да направите од врвовите?
Остатоците од тиквички лесно можат да станат гарнир за брзо јадење со месо или риба. Доколку е потребно, прво исчистете ги од кафените делови, а потоа ставете ги во солена вода. Гответе додека не омекнат, префрлете ги во чинија, зачинете со сол, црн пипер, додадете маслиново масло и послужете. Добра идеја ќе биде, кога врвовите на тиквичките ќе омекнат во посолената вода, да ги префрлите на добро загреано масло во тава за да добијат убава кора однадвор.
Со оглед на тоа дека тиквичките сакаат киселина и маснотии, а добро се комбинираат со додатоци од различна текстура, можете да ги зачините со малку сок од лимон или да ги послужите со грчки јогурт или кефир. Додадете крцкави додатоци како сусам или ароматичен за’атар, а кога ќе ги комбинирате со јогурт, семките од калинка се секогаш добра идеја.
Покрај готвењето и печењето за брз ручек, можете и да ги скиселите врвовите од тиквички. Додадете им друг зеленчук, како што се полумесечини од виолетови кромид или лукчиња и лути пиперки. Се што треба да направите е да ги исечете врвовите на тиквичките во саканата големина, да ги сварите кратко во солена вода додека да омекнат (4 до 5 минути), а потоа да ги ставите во топла смеса од оцет, вода, шеќер, сол и зачини по избор, кои прво сте ги свариле за целосно да се соединат сите состојки. Можете да додадете сенф, црн пипер, копар или други билки. Потоа изладете сè заедно на собна температура, покријте и чувајте ги во фрижидер преку ноќ, па следниот ден послужете ги како додаток на сендвичи, различни меса и сирења или, на пример, со кајгана за појадок.