Кај неа дури и обичните мафини изгледаат кралски, а кремот со кој ги украсува прават да личат на мали кремасти тортички и е посебен деликатес. Да, станува збор за десерт од кујната на шеф Маре Јаневска
Откако со семејството се пресели во Германија, шеф Маре Јаневска ја допрати дотаму и добриот глас кој се проширил помеѓу семејствата од сите држави на поранешна Југославија кои живеат таму, но и меѓу локалното население. Таа веќе му излегла во пресрет на едно хрватско семејство на кое за крштевка им приготвила прекрасна бела торта и мали тортички со крем од ванила, поточно, мафини престорени во кралици.
Нормално, луѓето биле воодушевени.
Ние го добивме рецептот за мафините. Ќе видите, не е воопшто тежок, само треба некому да му текне дека може да се исфилуваат со крем кој обично се користи за торти и имате вистинска ѕвезда на трпезата.
Состојки:
За мафините:
150 г путер на собна температура
150 г шеќер
1 ванилин шеќер
1 прашок за пециво
2 јајца
150 г брашно
1 лажица павлака
За кремот:
250 г омекнат путер
200 г шеќер во прав
ванила паста
2 лажици крем сирење на собна температура
2-3 лажици павлака.
Приготвување:
Путерот, шеќерот и ванилиниот шеќер се матат, потоа се додаваат јајцата, се мати уште кратко, па се додаваат брашното, пецивото и павлаката. Се поврзува сѐ заедно, се полнат корпичките за мафини до пола и се печат на 200 степени околу 15 минути.
Состојките за кремот се матат за да се добие кремаста смеса која потоа се става во шприц и се филуваат изладените мафини.