Намази од модар патлиџан: Полни со витамини, минерали, влакна и антиоксиданти

Фото: Unsplash
2.222

Идеална замена за паштети и други нездрави намази! Искористете ја сезоната бидејќи имаме неколку одлични рецепти

Здравиот намаз од модар патлиџан е идеална замена за млечни намази или паштети и подеднакво добро ќе им послужи на веганите да уживаат во брускети или препечен леб.

Намазот од модар патлиџан може да се служи како појадок, ужина, предјадење или вечера.

Одлично се комбинира и е идеален за овој период.

Арапски намаз од модар патлиџан
Доколку го сакате намазот од модар патлиџан, рецептот што ќе ви го напишеме подолу ќе ги задоволи вашите вкусови. Намазите се исклучително популарни во арапските земји, а стандардниот намаз од модар патлиџан е всушност арапски рецепт.

Состојки:
2-3 средни модри патлиџани (1 кг)
1-2 чешниња лук
1/4 чаша сечкан магдонос
морска или хималајска сол
1-2 лажици екстра девствено маслиново масло
малку сок од лимон (по избор).

Приготвување:
Измиените патлиџани исечете ги на кришки или половини и печете ги на 180-190 °C додека не омекнат (околу 30 минути).
Потоа изладеното месо од модар патлиџан ставете го во блендер со останатите состојки додека не добиете намаз.
Кога намазот е готов, изладете го и послужете.


Намаз од модар патлиџан и таан (баба гануш)
Ако веќе сте пробале сличен рецепт за намаз од модар патлиџан, баба гануш не ви е непознат. Таанот или намазот од сусам е популарен и во источните земји, а комбинацијата од модар патлиџан и сусам ќе создаде исклучителен ориентален вкус.

Состојки:
1 кг модар патлиџан (2-4 средни)
2-3 супени лажици таан
1 чешне здробен лук
2-3 лажици сечкан магдонос
1 лажица екстра девствено маслиново масло
1 лажица сок од лимон
малку морска сол
2-3 лажици павлака (по избор).

Приготвување:
Откако ќе ги испечете патлиџаните во рерна како во претходниот рецепт, оставете го мекото месо да се излади. Сите состојки освен маслиновото масло ставете ги во блендер.
Кога смесата ќе стане хомогена и слична на намаз, додадете маслиново масло и повторно сè убаво измешајте.
Ладниот намаз послужете го по желба, а ви препорачуваме со препечен леб, брускети и сл.

Малиџано – намаз од модар патлиџан и сирење
Здравиот намаз од модар патлиџан е популарен кај нас и заедно со пиперките е меѓу најкористените зеленчуци. Покрај претходните рецепти, пробајте ја и оваа комбинација.

Состојки:
4 – 5 модри патлиџани со средна големина
100 гр мајонез
150 гр павлака
200 гр рендано сирење (кравјо, овчо или фета)
2-3 чешниња здробен лук
3-5 лажици сок од лимон
морска сол и малку црн пипер по желба.

Приготвување:
Печењето на патлиџаните е исто како и во претходните рецепти.
Изладеното месо од модар патлиџан ставете го во блендер или испасирајте го со вилушка или со гмечалка за пире.
Потоа додадете ги останатите состојки и убаво измешајте додека не добиете хомогена смеса што може да се мачка.
Изладениот намаз послужете го со топол тост леб или со која било храна по ваш избор.

Намаз од модар патлиџан и пиперка
Овој намаз е идеален за лето кога не можеме да поднесеме тешка храна, а комбинира модар патлиџан, пиперки и домати за лесна летна закуска.

Состојки:
1 среден модар патлиџан
2-3 пиперки
3 помали домати
2-3 чешниња лук или еден кромид
екстра девствено маслиново масло
морска сол, црн пипер и чили во прав по желба.

Приготвување:
Зеленчукот треба да биде термички обработен, па најдобро е да ги исечкате модриот патлиџан, кромидот, пиперките и доматите, да ги прелиете со масло и сол и да ги распоредите врз хартија за печење.
Се пече на 180 °C додека пиперката не потемни и зеленчукот не стане мек.
Потоа, изладениот зеленчук ставете го во блендер и сомелете го до хомогена конзистентност.
По желба зачинете.