Здрав колач со брашно од сончоглед и сируп од урми

503

Ако не можете без десерт, но сакате некоја поздрава варијанта, еве еден супер рецепт кој е „оригинал“ наш, на Арт кујна. Е сега, кој ви брани, ако сакате можете да го искомбинирате и со некој убав сладолед…

Кога размислувате да направите нешто слатко за некој што не смее да консумира брашно и шеќер, тогаш, во последно време е актуелно брашното од бадеми. Ама не, ние не употребивме брашно од бадеми од едноставна причина – прескапо е. Затоа си најдовме поевтина варијанта, па направивме брашно од семки од сончоглед.

Како се прави?

Купивме сирови лупени семки и ги смеливме кратко во блендер. Не треба да се претерува со блендирањето затоа што, во спротивно, ќе добиете масло.

Значи, накусо изблендирајте околу 150 г сончоглед и ставете ги во еден сад.

Тоа ви е „брашното“.

Наместо шеќер ние употребивме од оној сируп од урми шо може да се купи во маркетите, а вие, ако имате повеќе време можете да купите и свежи урми, да ги извадите семките и лушпите и да ги изблендирате. (Инаку, на сирупот од урми пишува дека е 100 проценти урма).

Колачот дополнително можете да го заблажите додавајќи кокосови снегулки, путер од лешник и 1 лажица екстракт од ванила.

Еве кои состојки ви требаат:

150 г сончоглед

1 прашок за пециво

3 рамни лажици какао

3 јајца

1 зрела банана (може да ставите и две, ќе му додадат блажина на колачот)

1 лажица екстракт од ванила

околу 80 мл сируп од урми (или по вкус)

1 лажица екстракт од ванила

200 мл јогурт

150 мл кисела вода

100 г кокосови снегулки

4 полни лажички кокосово масло на собна температура

50 г сирови лешници по желба (ние ставивме исечкани лешници во тестото и плус, одозгора, за украсување)

Можете да додадете ако имате и малку путер од лешници. Ние ставивме 2-3 лажички.

100 г црно чоколадо со 70-80% какао (малку путер и млеко за топење на чоколадото за прелив)

Измешајте ги во еден сад сувите состојки, а во друг мокрите па потоа измешајте сѐ заедно (освен чоколадото, путерот и млекото) и префрлете ја смесата во тепсија со хартија за печење.

Печете во загреана рерна на 200 степени околу 30 минути.

Додека колачот се лади стопете чоколадо за прелив, со кое ќе ги прилиете колачот, а одозгора, по желба, наросете сечкани лешници или некои други јатки.