Дали сте пробале палачинки со лук и со ореви?

292

Многу е интересно кога ќе направите некое јадење кое вам не само што ви е омилено, туку и ве потсетува на детството и ќе го споделите со луѓе кои не само што дотогаш не пробале, туку не ни слушнале за оваа комбинација

Рецептот за палачинки со лук и со ореви е еден од оние кои се пренесуваат од генерација на генерација.

Рецептот е стар и се правел во некои делови од Македонија, како на пример, во Прилеп од каде што е нашиот извор за рецептот – баба Драга, но и во Битола, од кадешто е баба Марија во чија куќа ова е исто така познато и омилено јадење на нејзините деца и внуци.

Ама, главно, за повеќето луѓе е овој рецепт сосема непознат. Или никогаш не слушнале, или слушнале, но не пробале.

Е ние овојпат го направивме и ја поканивме нашата пријателка од Хрватска која ниту слушнала, ниту пробала вакво нешто и на која ѝ изгледаше многу чудно како комбинација.

Сепак, уредно го изеде целото парче.

Многу е интересно кога ќе направите некое јадење кое вам не само што ви е омилено, туку и ве потсетува на детството и ќе го споделите со луѓе кои не само што дотогаш не пробале, туку не ни слушнале за оваа комбинација, па потоа ја чекате нивната реакција.

За оние кои не го правеле досега, еве го рецептот:

Состојки:

500-600 г брашно

2 јајца

кисела вода

млеко

1 лажичка сол

зејтин

1-2 главици лук

ореви

вода

Приготвување:

Направете тесто за палачинки и испржете ги на вообичаениот начин.

Лукот излупете го и истолчете го заедно со 1 лажичка сол и 3-4 лажици зејтин и направете паста.

Во тенџере зовријте две чаши вода и додадете ја во пастата од лук.

Измешајте и додека е уште жешка преливајте врз секој ред палачинки што ќе го направите во тепсијата.

Исто така, помеѓу секој ред поросувајте и сечкани ореви.

Ако ви остане од смесата со лук истурете ја врз палачинките и завршете со сечкани оревчиња.

Препорачливо е да јадат сите присутни, во спротивно, за оние кои нема да јадат не е препорачливо да останат во близина.