Улогата на професор во средното училиште „Лазар Танев“ која сега ја играм, е најдобрата што сум ја добил досега. Го сакам дури и патот од дома до школо и едвај чекам да стигнам и да ги видам учениците како генерали во бело, спремни за нови предизвици, за нови вкусови, за нови гастрономски приказни, вели нашиот соговорник, готвачот Дејан Христовски, кој од неодамна е професор во средното училиште „Лазар Танев“.
Дејан Христовски кој го паметиме по ТВ емисијата „4 сезони“, како што подоцна се викаше и неговата пицерија во ТЦ „Бисер“, долго работеше и, како што вели, се обучуваше во готвењето, во Шведска, Германија и Виена. Извесен период работеше како шеф на кујна во струмичкиот „Вила Парк“, но и во скопски „Мериот“, а работеше и како консултант, односно, држеше обуки за угостителските работници во различни угостителски објекти ширум државата. Од неодамна Дејан се најде во една нова улога и работи како професор по готварство и слаткарство во средното угостителско училиште „Лазар Танев“, шанса која, вели, ја прифатил и ја работи со големо задоволство.
„Нема ништо поубаво од тоа своето искуство и знаење да им го пренесувам на млади деца кои сакаат да бидат угостители. Енергијата која го движи светот им припаѓа на децата и токму таа енергија ме тера да дадам сѐ од себе за тие деца“, вели Дејан за својот нов работен ангажман кој, како што не поправа во нашиот разговор, не го смета за пресврт во својата кариера, туку за чекор напред.
„Возвишена работа е пренесувањето знаење на младите генерации кои утре треба да живеат од тоа знаење, да напредуваат и да создаваат. Секако, кога дојдов во училиштето сфатив дека професорската професија е далеку пред готварството кое го работев долги години. Моето искуство во готварството е големо во ресторанското и хотелското работење, работењето во италијански и француски ресторани во Шведска, баварска кујна во Германија, ресторани и хотели во нашата држава, но влегувањето во кујна во функција на професор носи нови мисли, различен план и програма. Сѐ е веќе планирано однапред, но сепак, секој ден носи нова содржина, ново расположение, нови предизвици“, вели Дејан.
Секако, за оваа нова улога е потребна педагошка доквалификација, работа со ментор, државен испит, но ништо од тоа не го премислило да се фати во костец со новиот предизвик и да се оствари во својата нова благородна, професорска улога.
„Наставата по готварство се состои од теоретски и практичен дел во кабинет и практична настава во угостителско-туристичките објекти. Кабинетската настава се состои од основните карактеристики, содржини и елементи на готварството, од видови кујни, намирници кои се користат, видови обработка, правила и прописи за хигиена, рецептура и подготовка на јадења и на крај дегустација и оценка на јадењето.
Инаку, кога работата со учениците те исполнува тогаш тоа е задоволство кое тие го препознаваат. Беше малку тешко на почетокот додека да ги прифатат правилата на работа и предавање и да почнат да ми веруваат дека сѐ што правам и ги учам е за нивно добро. Ги почитуваат
правилата, послушни се и исполнителни и јас се гордеам со нив“, раскажува новопечениот професор кој има голема подршка од своите колегите кои предаваат практична настава и кои несебично ги споделиле со него сите потребни информации и материјали за работа.
„За колегите од теорија имам да кажам едно големо благодарам за сите совети и за поддршката како нов колега. Вистинско задоволство е да си во таков колектив. Сите колеги кои предаваат практична настава се искусни угостители кои со задоволство го пренесуваат своето искуство и познавање на областа. Од друга страна, моето искуство и познавање на гастрономијата добро им дојде на сите во стручниот колектив. Секое освежување е прифатливо, а споделувањето на слатките и солените гастрономски тајни ни помагаат да бидеме подобри во она што го работиме“, објаснува нашиот соговорник.
Сепак, дека не е сѐ розово, зборува фактот што оваа учебна година училиштето има 370 ученици, за разлика од пред 15 години кога имало 1.200.
„Со цел да го зголемиме бројот на ученици склучивме договор за соработка со 60 основни училишта од Скопје и следната година уште на почеток од септември ќе правиме бесплатни работилници за децата од девето одделение со цел сите дечиња кои се заинтересирани да се запишат во нашето училиште, да дојдат и да ја почувствуваат магијата на вкусот и да се запознаат со сѐ што работиме во училиштето“, најавува Дејан.
Како што се труди да им го пренесе своето знаење на учениците, така вели дека ќе даде сѐ од себе за да им ја предаде љубовта и страста кон готвењето и на своите ќеркички, деветгодишната Лина и седумгодишната Каја.
„Двете се со посебни желби за јадење и уште од мали си создаваат свои навики на кои искрено некогаш им се чудам, но не им се мешам. Се обидуваме уште од сега да им наметнеме здрав режим на хранење. Тешко ни оди затоа што на оваа возраст децата спознаваат многу различни вкусови и вкусовите допрва ќе им се изоструваат. Покажуваат интерес за готвење, но сега засега готвењето за нив е само вкусна игра. Ќе дадам сѐ од себе да ги научам да готват по правила и прописи, да знаат да одберат здрави намирници, но и да знаат правилно да ги подготват. Доколку успеам да им ја влеам и љубовта и страста кон готвењето ќе бидам најсреќен човек на светот“, вели тато Дејан.
Тој самиот раскажува дека првпат почнал да работи на 14 години.
„Додека сите беа на базен јас лупев компири и правев плескавици во една бутка (така ги викавме порано). Уште од тогаш се натпреварувам сам со себе и она што го правам се обидувам да го направам најдобро што можам и постојано барам учители кои ќе ме научат нешто ново. Животот може да биде многу убав, но и многу суров. Некогаш нагоре, некогаш надолу. Јас поминав низ едно долго животно патешествие и задоволен сум од тоа што го имам постигнато досега. Понекогаш ми недостига мојот претходен живот во угостителството, кој ми буди убави сеќавања и од кој имам многу убави пријателства, дружби и моменти. Но, сепак, улогата како професор која сега ја играм е најдобрата улога што сум ја добил досега. Го сакам и патот од дома до школо и едвај чекам да стигнам и да ги видам учениците, како генерали во бело, спремни за нови предизвици, за нови вкусови, нови гастрономски приказни. Се радувам кога гледам како напредуваат и како растат во секој поглед“, вели Дејан.
Тој вистински ужива во својата нова професија и во работата со децата на кои, вели, најголем проблем им е миењето на садовите и завршното средување на кујната.
„Поделени во групи учениците влечат стапчиња, па која група ќе го извлече најмалото стапче, таа ја средува кујната. Замислете, три пати ѝ се падна најмалото стапче на иста група која мака мачи со таа задача. Останатите ученици цивилизирано се шегуваат на нивна сметка, а овие другите се многу лути ама не смеат да покажат лутина затоа што знаат дека тимот мора да биде секогаш смирен и спремен на сѐ, ама знаат и дека тој што губи има право да се лути“, го завршува Дејан низ смеа нашиот разговор за предизвиците во неговото ново царство – кујната на „Лазар Танев“.