Кога ќе ве викнат на кафе…

1.269

Дали ви се случило да ве поканат на кафе, а да ве послужат со хумус, потпечено лепче и јаболка во шлафрок? Дали е тоа сѐ уште заедничка карактеристика за Македонците, она познато македонско гостопримство, или е веќе исклучок, односно, само кога одите кај луѓе од стар ков.

Ова е веројатно она што им се допаѓа на странците кога ќе дојдат во Македонија. Само кај нас и, евентуално кај некои од соседите, кога те викаат на кафе, без оглед дали е тоа дома или во некој угостителски објект, може да се случи и да не стасате до кафе или пак да добиете две кафиња, едно пред (ако баш многу ви се пие) и едно после јадење.

Да, зашто сигурно ќе излезе дека она што е најавено како причина за средбата има само споредна улога во целиот ритуал.

Обично се почнува со прашањето „што ќе се напиете“, а кога ќе кажете „кафе“, ви велат дека тоа се подразбира, малку подоцна. „Или сакате веднаш и кафе со храната?“

Молам? Која храна?

Никоја де, ништо посебно, само малку мезенце, секако си правев за мене.

И ете ве наеднаш пред вас цел оброк. Потпечено лепче, набрзина направен намаз со наут и јаболки во шлафрок.

Да, сигурно и тие ќе си ги правеле секако за себе.

И на крај добивате и кафе, а веќе сте се прејале иако тукушто сте појадувале пред да дојдете „на кафе“, нели, за да не го пиете на гладно.

Ете, убаво е кога имате вакви пријатели. А и кафето е некако повкусно од она што си го пиете дома сами.

Дали мислите дека е сѐ уште во игра оваа пракса? Дали вие кога ќе викнете некого на кафе, вадите и сѐ друго што имате? Дали кога одите кај некого на кафе тоа значи само кафе или ве послужуваат и со мезе? Дали е тоа сѐ уште заедничка карактеристика за Македонците, она познато македонско гостопримство, или е веќе исклучок, односно, само кога одите кај луѓе од стар ков.