Не јадете, вкусете! Пуслици со песто и горгонзола, такоси со свинско и карамелизиран кромид и 1,2,3,4,5,6 вина

607

Ова се нашите впечатоци од една убава вечер со деликатесите на Филип Поповски и вината „Македон“ во пресрет на Свети Трифун во скопскиот ресторан Маџо 2.0, каде што шеф Фичо и Андон Крстевски, главен енолог на винаријата „Стоби“ приредија вечер полна со вкусови и необични комбинации, речиси па како сцена од филмот „Мени“. За среќа….

Не јадете, вкусете! Да, вака гласеше реченицата со која шеф Словик, главниот лик во филмот „The menu“, ја отвора вечерата околу која е сплетена целата приказна во новиот трилер на режисерот Марк Лојд. Во скопскиот ресторан Маџо 2.0 синоќа, по повод Св. Трифун, Арт кујна беше меѓу гостите на вечерата која ја приготви шеф Филип Поповски-Фичо, а Андон Крстевски, главен енолог на винаријата „Стоби“ ја раскажуваше приказната за релативно новата линија на вина „Македон“.

Беше тоа вечера која, како што забележа и нашиот организатор Мики Наки Трајковски, потсетуваше на сцена од споменатиот филм. За среќа, освен специјалитетите и изборот на вината, не се случи ништо слично на она што се случуваше во филмот, па сите си заминавме дома живи, здрави и насмеани.

Сите јадења на шеф Фичо беа визуелно впечатливи, а особено потсети на филмот и тоа што ниту една порција не содржеше леб, бидејќи, како што вели шеф Словик во филмот: „Лебот е селска храна, а вие, драги мои гости, не сте обични селани“.

Ние гостите синоќа бевме обични новинари и наместо леб, добивме одлична порција во чија основа беше кора од тарана, а имаше и превкусни такоси со свинско месо и карамелизиран кромид на подлога од сусам. Сепак, почнавме доста чудно, со пуслици (целувки) со горгонзола и песто од босилек, во комбинација со нашето омилено Македон Мускат Темјаника, а секое следно јадење беше нова интересна комбинација и ново изненадување искомбинирано со уште петте одлични вина од линијата Македон, чија приказна неуморно и со страст ја раскажуваше Андон Крстевски.

„Македон“ вината се произведуваат веќе неколку години, но првично биле наменети само за извоз во САД, а потоа пласманот е проширен па тие се веќе некое време присутни и кај нас.

Како и да е, ние ја завршивме вечерата со виното „Веритас“, инаку едно од најнаградуваните вина на „Стоби“, тешко црвено, или како што вели енологот Андон, црно вино, а изненадување за крајот беше и пенливото вино кое беше претставено како полупроизвод, се уште со талог од квасец на дното од шишето, но со прекрасна иднина. Имено, потребно е да одлежи отприлика уште една година за да го достигне совршенството.

Шеф Фичо пак, го потврди уште еднаш своето правило дека за него не постојат рецепти, туку тие му служат само како основа за да дојде до своја креација.

Според него, готвењето е сплет на техники кои ако ги научиш ти преостанува само да бидеш креативен. А токму креативниот дел е најтешката работа, бидејќи кога работите во кулинарство, треба да бидете креативни нон-стоп, а не само кога ќе ви дојде.

Тој најави и проширување на ресторанот и нов, како што рече, кај нас невиден концепт.

Му посакуваме да си ја задржи креативноста, но не по цената на шеф Словик. Нека остане здрав и жив и наместо да не убие, нека продолжи да не радува со своите креации.