Слоу фуд пикник: Убав ден, убави луѓе, убава храна, убави пијалаци, убава дружба…

671

По неколку одложувања поради временските прилики, конечно се случи: целодневна Слоу фуд дружба во Паркот на франкофонијата во Скопје, градски пикник под раскошните крошни на старите дрвја

Вчерашниот настан (18.јуни) во Парк на франкофонијата во Скопје, во организација на Слоу фуд Водно, беше место кадешто за разлика од минатата година, кога истурило дожд, имаше луѓе кои дојдоа, видоа и купија, ама и такви кои си направија целодневен пикник. Беше убаво, суво и умерено и издржливо топло, особено пријатно под гранките на старите убави, џиновски дрвја, атмосфера збогатена со мирис од липа, убава музика и уште поубава храна и пијалаци.

Минатата година „Арт кујна“ беше на таканаречениот „Мал пикник“, шармантен летен настан што секој август го претвора Горен град во Загреб, во место на среќни собири и уживање во локални деликатеси, па вчерашниот фестивал на биодиверзитет во Парк на франкофонијата, нѐ потсети на овој настан во Загреб.

А тука, во нашиот Парк на франкофонијата и на веќе третиот по ред Фестивал на биодиверзитет, секогаш има многу познати ликови, нашите локални производители, со нивните познати вкусови, но секогаш има и нови. Овојпат, ред се редеше пред тезгата на Seven sisters bakery, новите членови на Слоу фуд, a најмладата од нив, Хајрие, не можеше да си дојде на себе од чудо.

„Леле, не знаев дека толку многу луѓе ќе сакаат да пробаат од нашата флија. Следниот пат ќе дојдеме и со традиционални слатки“, ни кажа Хајрие во паузите од турканиците за флија, додека чекаше нејзиниот сопруг да донесе уште две, па уште две, па уште две тепсии од вкусната флија кои нејзините вредни сестри ги правеа во нивната работилница во Шуто Оризари.

Нашите „постари“ пријатели од Прилеп, брачната двојка Тодорка и Даме Димески, за жал, немаа можност да ја надополнуваат својата понуда, вкусните традиционални домаќински зелници и уште повкусните орасници. И зелниците и орасниците „пламнаа“ уште во првиот час, исто како и „златната“ сланина на Гаврилоски, кашкавалот на Игор Поповски, ама и сирењето на Кози, млеко, планина и младиот Давид Неделковски кој до крајот на денот стаса дури и да ѝ помогне на една од посетителките и да ѝ го поправи велосипедот.

Дарежлива како и секогаш, беше нашата кралица на тартуфите Валентина Митрова (Туф туф), која постојано нудеше од малечките гурмански залачиња со нејзините разновидни специјалитети со тартуфи. Тука беа и намазите на стружанецот Пеце Клечкароски и на скопскиот бренд Nutz.mk, мармаладите на Мирјана и Бранко Ангелески, оцетот од диви јаболка и модри сливи и слаткото од лути пиперки, познато како „Ем луто, ем слатко“ на Страшко Милошевски, вината од винарија Иванов и неговата „бронзена“ Темјаника, ама и оние на младиот Филип Камчев од винаријата Киево од Штип, на винаријата Јостела, В’к, ракијата на Јорде Јованов, ама и нејзиното женско издание, ракијата со лаванда и ликерот со кафе на неговата сопруга Јуле Динова, маслото и чипсот од лешник на семејството Перески, семејството Стојчевски, нашите пивари предводени од пивскиот експерт Марјан Костадиновски, Васил Петрушевски и неговата „Аквапуника“. Но не беше се само храна и пијалаци, имаше и еколошки обвивки за чување храна кои ги изработува скопјанката Соња Димитровска, а имаше и уште ред други убави луѓе, со убави производи кои навистина немаме можност да ги наброиме на едно место, но за кои допрва ќе пишуваме во идните нови текстови на Арт кујна. И секако, недостасуваа нашите стари пријатели од претходните изданија на овој фестивал на Слоу фуд кои овојпат не успеаја да дојдат, нашата Наташа Неданоска со нејзиното ѓомлезе и кошмишпите, Димитар Јовчевски со неговото охридско макало од лук, Акин Сезер со своите зеленчуци и намази и уште многу други.

Во секој случај, беше тоа уште еден убав, долг и „вкусен“ ден во Скопје.